Не постои нешто што може да ги маѓепса родителите повеќе од насмевката на нивното бебе.
Онаа прва насмевка што со нетрпение се чека и потоа нè изненадува во моментот кој би сакале да го запреме, и ни пробудува најнежни емоции. Ако во близина имаме фотоапарат, на нашата среќа ќе ѝ нема крај, а фотографијата сигурно ќе има важно место во фотоалбумот и во срцата на целото семејство.

Рефлексна насмевка

Бебето првпат се насмевнува уште пред раѓањето, во топлата и безбедна матка. Денес тоа го докажуваат и ултразвучните 3Д-слики. По раѓањето и во првите неколку недели, бебињата покажуваат краткотрајни, брзи насмевки додека спијат или додека се будни. Експертите веруваат дека ова претставува рефлексна активност или реакција на некој стимул на телото на бебето.

Емоционална насмевка

По еден месец од раѓањето на бебето се појавува насмевка која е емоционален одговор на бебето за стимулирање на околината. Со оваа насмевка бебето го покажува своето задоволство од близината и од гласот на познато лице. Првите емоционални насмевки се нередовни и родителите колку и да сакаат, не можат секогаш да ги предизвикаат. Но, по неколку месеци бебето со весела насмевка ќе одговори на вашата љубов, ќе се смее на смешните гримаси и звуци. При првото емоционално поврзување со бебето многу е важен контактот со очите.

Како да поттикнете емоционална насмевка кај вашето бебе:
– Нежно поврзување од раѓање; разговарајте, пејте му на вашето бебе, пуштајте му пријатна музика.
– Контакт со очите; можете да го постигнете со едномесечно бебе (најдоцна до три месеци).
– Што повеќе смејте му се на вашето бебе.
– Пејте весели песни, потоа со допир стимулирајте го бебето.
– Нежно бакнувајте ги бебешките прсти и стомакот и зборувајте му со смешни звуци.
– Играјте криенка; покријте го лице и повторно покажете му го на вашето бебе со насмевка и весело зборување.

Ниту со смеа не треба да се претерува

Бебињата се чувствителни и нежни суштества. Стимулацијата со која сакаме да предизвикаме насмевка кај бебето треба внимателно да ја правиме и не треба да претераме. Следете го вашето бебе. Периодите на стимулација нека бидат кратки, бебето секогаш треба да одговара со задоволство и да биде заинтересирано.

Дали знаевте?
Според француските истражувања, постои една посебна насмевка што бебињата им ја покажуваат само на своите мајки. Оваа насмевка се нарекува Дученова, според францускиот лекар што ја открил.



912

X