Проф. Горица Поповска-Налевска, доктор по педагошки науки

Проф. Горица Поповска-Налевска, доктор по педагошки науки

Повеќе од авторот

Образовната инклузија не подразбира само физичко сместување на децата со попреченост во редовното училиште, туку и вклучување во работата и животот на училиштето

Еден од приоритетите во реформите на образовниот систем е создавање инклузивно образование кое ќе биде во функција на ученикот и неговите развојни и образовни потреби. Инклузивното образование подразбира квалитетно образование за сите и се вклопува во политиките за апсолутна инклузија во училиштата. Тоа подразбира и приспособување на наставата на образовните потреби на децата, вклучувајќи ги и оние деца што имаат тешкотии да се вклопат во постојниот образовен систем.

Флексибилната, квалитетна средина која одговара на потребите е основа за вклучување на маргинализираните групи, како што се децата со попреченост, во рамките на образованието. Право на сите деца со пречки во развојот е правото на образование кое е загарантирано од страна на сите земји што ја имаат потпишано Конвенцијата за правата на децата, меѓу кои е и нашата земја. Инклузивното образование е прашање на човекови права, но и прашање на добра организација и управување со ресурсите – човечки, материјални, временски. Меѓутоа, малку земји имаат формулирано сопствена јасна политика за децата со пречки во развојот. Воведувањето на инклузивното образование бара промени во курикулумот, образованието на наставниците, наставната методологија и ставовите на наставниците.

Образовната инклузија е можност за квалитетен пристап во реформите на образованието. Таа, пред сè, е педагошки, а не дефектолошки предизвик со неопходно вклучување на голем број експерти од различни области неопходни за поддршка на децата, особено на децата со попреченост, за да можат максимално да ги достигнат своите можности во процесот на воспитување и образование.

Учењето е најефикасно во средина во која ученикот се чувствува уважен, почитуван и признат. Оттука се наметнува и предизвикот – како редовните училишта и одделенијата да се развијат на начин кој ќе одговара на образовните и социјални потреби на секој ученик, и се оформат во место каде што секој ученик припаѓа, каде што е прифатен и поддржан од соучениците и сите други членови на училишната заедница. Приспособувањето на училиштата на различностите на учениците е можно единствено ако се направат и длабоки промени во образовниот систем, што подразбира реконструкција на постојната култура, надминување на предрасудите и стереотипите, креирање образовни политики и образовни практики кои одговараат на учениците со посебни потреби.

Резултатите од истражувањето за детектирање на факторите што претставуваат бариери за квалитетна образовна инклузија на учениците со попреченост во основите училишта во нашата земја, кое Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби го спроведе со поддршка од Фондацијата „Отворено Општество Македонија“, опфаќајќи таргет-групи составени од наставници, родители, претставници на локалните самоуправи, покажа дека постојат бариери за инклузивно образование кои се заеднички и кои беа истакнати и од претставниците на институциите и професионалците и од родителите.

Резултатите посочија на неопходноста од континуирани едукации на родителите на деца со типичен развој за подигнување на свеста за правата на децата со попреченост, како рамноправни членови на општеството, прифаќање на децата со попреченост со цел надминување на предрасудите, стереотипите и дискриминацијата. Исто така, потребна е и едукација на родителите на деца со попреченост за нивните права, правата на нивните деца од областа на образованието, како и со процедурите и механизмите за остварување на своите права. Инклузивното образование во Р. Македонија започна не така одамна во основното образование, со паралелно донесување на закони и правилници потребни за негово имплементирање и обуки на наставниците и останатиот стручен кадар. Родителите на децата со посебни потреби не се целосно запознаени со правата на нивните деца од областа на образованието, како и со процедурите и механизмите за остварување на тие права.

Истражувањето покажа дека создавање кадровски и технички услови за подобрување на квалитетот на инклузивно образование е една од главните бариери за квалитетно инклузивно образование. Имено, постоењето на кадровски и технички услови за подобрување на квалитетот на инклузивното образование е практично предуслов за самото инклузивно образование и преку институциите на државата тоа требаше да биде решено системски и пред самото започнување на инклузивните процеси. Така формирањето инклузивни тимови во сите училишта, намалување на бројот на ученици во одделенија каде што наставата ја следи и ученик со попреченост, обезбедување дидактички материјали и помошна технологија, решавање на пристапноста и обезбедување образовен и/или личен асистент за секое дете со попреченост според индивидуалната потреба, односно системскиот пристап во обезбедување на сè што е наведено погоре е единствениот начин на кој може да се пристапи кон вистинското започнување на инклузијата во образованието.
Третата констатирана бариера за квалитетно инклузивно образование е потребата од едукација, обуки и мотивација на наставниот кадар и психолошко-педагошката служба во училиштата. Наставниот кадар и психолошко-педагошката служба во основните училишта во својата работа постојано се среќаваат со најразлични состојби со ученици со попреченост за кои се многу малку или воопшто не се информирани во текот на своето формално образование. Иако и во вакви услови среќаваме наставници кои сами се дообразоваат и самомотивираат со цел што повеќе да постигнат со своите ученици со попреченост, факт е дека единствено исправен начин е дополнување на формалното образование на наставниците и психолошко-педагошката служба со предмети и содржини кои се однесуваат на едукација на наставниците и психолошко- педагошката служба за работа со деца со попреченост. Бидејќи образованието е постојан процес, мора да постои и континуирана едукација и обуки на наставниот кадар. Создавањето мрежа за меѓусебна помош и поддршка од наставници и стручни соработници (психолози, педагози, логопеди и специјални едукатори) на национално и локално ниво може да биде од исклучително значење за работата на наставничкиот кадар.

Образовната инклузија не подразбира само физичко сместување на децата со попреченост во редовното училиште, туку и вклучување во работата и животот на училиштето. Паралелно со процесот на инклузија, потребно е да се развиваат адекватни служби што ќе обезбедат тимски приод при разрешувањето на проблемите во редовното училиште, во кој неопходен дел му припаѓа на родителот и целокупното искуство што го поседува со оглед на тоа дека тој е оној што најдобро го познава сопственото дете, обука на наставниците да стекнат основни, неопходни знаења за препознавање на тие деца и оспособување да им укажат соодветна помош, вклучување специјален едукатор во училиштето, како и обезбедување на специфичните потреби, согласно тешкотиите со кои се соочува ученикот: соодветна опрема, наставни средства и посебно адаптиран простор.

Авторката е регионален координатор во Ресурсен центар на родители на деца со посебни потреби



912

X