Игротека

Барем да постоеше можност за школување од дома

Децата се свесни дека не се презема ништо за школувањето да се приспособи на нивните потреби. Свесни се дека ова не е добар пат и даваат отпор на разни начини. Преку инаетење, мрзливост, неизвршување на задачите, па дури и со напади на паника и анксиозност…

„Барем да постоеше можност за школување од дома кај нас“, пред некој ден ми рече мојот единаесетгодишен син. Одличен ученик кој без поголеми проблеми го совладува школскиот материјал, но на училиште не оди среќен бидејќи не ја гледа смислата која би резонирала со детскиот разум во 2019 година.

Досадно им е. И напорно им е.

Децата се свесни дека не се презема ништо за школувањето да се приспособи на нивните потреби. Свесни се дека ова не е добар пат и даваат отпор на разни начини. Преку инаетење, мрзливост, неизвршување на задачите, па дури и со напади на паника и анксиозност. Добивам алергиска реакција кога некој ќе ми каже: „Па и нам така ни беше!“ Па да, баш како народ испаднавме супер. Многу напреднавме во развивањето меѓучовечки односи и комуникација меѓу себе. Баш научивме да бидеме луѓе и сѐ да работиме на чесен начин бидејќи, ете, моравме да молчиме по 45 минути на час и да стануваме кога некој ќе влезеше во училницата, да бубаме напамет сувопарни податоци и да носиме украсни јаки на школските униформи.
Времињата се менуваат и секое дете има право да живее во своето време.

Не разбирам зошто…

Кога јас одев на училиште немав можност да користам компјутер, Гугл и останати пребарувачи на кои со еден клик можев да ги пронајдам сите релевантни податоци што ми требаа. Не можев, бидејќи сум дете на осумдесеттите години од минатиот век, па дури и милениум.
И затоа, простете ми, но не разбирам зошто децата на возраст од 11 години треба напамет да знаат зошто и кога се случиле Пунските војни, каква била општествената хиерархија во стара Грција или Рим и напамет да толкува кои биле патрициите, а кои плебејците. Што е зороастризам, Делски сојуз… би можела вака да пишувам и набројувам два дена, а предочив само мал дел од материјалот.
Покрај сето тоа, секое дете оди на некаков спорт, слободна активност, што од желба, што од потреба да се приспособи бидејќи „сите одат“. Па родителите „шизнуваат“ што мора да ги развозуваат како да се такси-служба, да добиваат нервни сломови додека одговорат на сѐ покрај својот и онака забрзан ритам на животот во кој ги прегазува еден сосема поинаков систем.

Разбирам што сакаше да ми каже детето. Не му се допаѓа начинот на кој се учи. Дете кое сака да учи, а што е со децата што не сакаат? До кога со демотивирачкиот пресинг и вреднување на нечии афинитети преку бројки?
Демотивирачки оценки по ликовно, физичко или музичко образование? Како се учи да се биде талентиран по ликовно и музикален? Како се станува спортски тип ако многу ги сакаш книгите, музиката или сакаш да ги проучуваш полноглавците во потокот и еден ден можеби ќе станеш врвен биолог? Како може да се очекува од децата кои системски манипулираат со компјутери, микробајтови, креираат игри и програми од седмата година да седат на двоен час по информатика и да слушаат што е екран, а што е тастатура?
Да, штета е што не постои школување од дома како во развиените земји. Барем да им се сочуваат душата и разумот од системот кој не е здрав и не е за нивно добро. Програмирањето на младите умови кое се влече од пред дамнешни времиња не запира. Ретки се оние што можат да си дозволат своите деца да ги запишат во Монтесори-градинка или во училиште од модерен тип. Каде што умот се шири и збогатува, каде што се селектираат склоностите и можностите, каде што правилно се насочуваат во оној правец во кој навистина се добри. Силните страни да им станат посилни без силување на умот со непотребни податоци до кој денес може да се стигне со само еден клик на глувчето. Со респект кон учителите, професорите, наставниците кои детето-индивидуа го ставаат пред системот и кои се хронично малцинство (бидејќи системот ги кочи и нив), ова не е добро.

Децата не ни се среќни на училиште. Учителите, затрупани со непотребни документации, табели, извештаи кои само ги задоволуваат нормите на некои виши инстанци за правдање на средствата, времето и функционирањето на нештото кое не функционира, исто така не се среќни. Бидејќи не се ни соодветно платени ни почитувани за сето она што го прават.
Но сепак, алката на која најчесто се запнува сме ние. Родителите.

Што можеме ние родителите да (не)направиме

Од нас зависи дали ќе им го сочуваме невиниот разум од предвремено трошење. Ќе сакаме ли да им објасниме дека навистина не се важни тие купишта податоци – самата ги гуглав Пунските војни, сите три. И му признав на детето дека поим немам за нив. Но дека е така како што е. Дека училиштето не е нивниот идентитет, ниту тоа ќе биде дипломата со која денес-утре ќе мавта пред Заводот за вработување. Да им покажеме разбирање за недостигот на време кое би го поминале на она што навистина ги интересира. И на поминливоста. Училиштето не трае вечно. И пред него и после него има живот…
Реформата на школството се тркала. Бавно. Се плашам воопшто да поверувам дека нешто ќе се промени. Видов некои нови комплети учебници и во нив имаше само поинаков распоред на текстот и илустрациите.
Практична настава? Примери? Опипливост на она што е напишано во стотици редови?

Да покажеме разбирање за своите деца кога станува збор за училиштето. Накратко, замислете некој да ве обучува за делови на велосипедот, материјалот од кој е направен, а вие веќе со години го возите и навистина не ве интересира од кој метал е направен управувачот…

„Барем да постоеше можност за школување од дома кај нас“ – ми рече моето единаесетгодишно дете.
„Барем да постоеше“, му одговорив јас.

Автор: Наташа Јукиќ, асистент во настава за деца со тешкотии во Хрватска

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top