Емоциите се во боите. Светли, темни, шарени. Емоциите се она што сме, што нè прави луѓе и она од што е исткаена совеста…
Сите сте чуле за инклузија. За рамноправност во школувањето на децата со попреченост во редовните училишта, ако стручните служби оценат дека може да биде така. Апсолутно е потребно да се прават тестирања, како заради децата без попреченост, така и заради оние со попреченост, за благосостојба на сите. Инклузијата се спроведува низа години, а за успешноста можам и сама да посведочам бидејќи со години ја работам таа работа. Напредокот што децата го остваруваат во социјализацијата, графомоториката, како и огромниот когнитивен напредок не може да се опише со зборови. Во овој случај, децата на децата им се рака-водилка. Најмногу учат едни од други, гледајќи се и угледувајќи се во постапките на оној до себе. Угледување во сите тешкотии и леснотии со кои се соочени.

Деца без чувства?!

Во една пригода една госпоѓа оперирана од секаква емпатичност ми рече дека е лесно да се работи мојата работа на помошник во настава бидејќи „тие и онака немаат чувства и ништо не сфаќаат!“ Во тој момент се чувствував како да им залепи шлаканица на секое дете, на сите родители и на оние што ги сакаат и ги гледаат како целосни (бидејќи се целосни). Сурова, неука, незрела и срамна шлаканица. Останав без зборови, а посакав да ѝ раскажам толку преубави приказни од прва рака кои би ѝ ја сервирале спротивноста на сè што кажа. Детето со кое сега работам е трето одделение. Кога тргна во прво одделение, едвај го подигнуваше погледот, не комуницираше со врсниците, не поднесуваше никаков допир.

Лекување на гребениците

Пред некое време дојдов на настава. На раката имав буквално една точка гребеница, едвај видлива со око. Тој ја забележа, истрча до своето шкафче, извади селотејп и зеде парче хартија за да ме преврзи. Требаше тоа да го држам цел ден бидејќи ми рече дека „ме сакал“. Кога ќе дознаеме дека некој од одделението е болен и го нема на училиште подолго време, во неговите очи има солзи. Кога нема да се видиме некое време, заради празник или болест, ме држи цврсто за рака и не ме пушта, прилепувајќи го своето чело до моето, да му ги чујам мислите. Кога сака нешто многу важно да ми каже, ме гледа в очи. Кратко, но в очи. Дете со аутизам.

Вресокот како најголема среќа

Кога нешто не разбира, се лути додека не го најдеме вистинското патче до неговите мисли што ќе го одведе таму каде што треба. Денес си игра со врсниците. На свој начин, но си игра. Потскокнува кога е многу среќен, се ниша кога е загрижен, ги трие прстињата кога е уплашен. Секоја своја емоција што можеби не знае да ја вербализира и тоа како ја искажува. Својата желба да биде виден, слушнат и особено почитуван. Да, добро кажа госпоѓата вакцинирана од секаква емпатија – лесно е да се работи мојата работа. Затоа што безмерно го сакам. Затоа што секој ден сфаќам колку навидум здрави луѓе се во тешкотии што самите си ги создале. Оваа работа ми дава богатство кое банките не го прифаќаат, не можам ништо да купам со него. Тоа богатство е дарба да можам да гледам. Да зборувам и за оние што не можат сами да зборуваат. Да се борам и да го подигнам гласот кога треба. Да ги упатам неуките и да ги освестам сите заспани што ги генерализираат и ги класифицираат децата како „оние што и онака ништо не чувствуваат и не сфаќаат“. Децата со попреченост се само деца. Исто како и вашето дете или кое било дете на вашиот пат. Целосни битија со душа и срце во градите. Понекогаш нивниот вресок е најголемата среќа што ќе ви ја покажат. Понекогаш нивното молчење е злато во кое се спојуваат некои важни неврони. Тие се тука. Меѓу нас. Со сите свои емоции. А емоциите се она што сме, она што нè прави луѓе. Да бидеме луѓе едни на други.

Текст: Наташа Јукиќ, асистент во настава на деца со попреченост

 



912

X