Многумина го одбиле Клеј Луис на интервјуата за работа токму поради аутизмот, но тоа не му било пречка да почне да работи. Сега е шеф и има свое претпријатие за чистење канти за ѓубре.

Клеј Луис (16) го основал претпријатието „Клејс Бин клининг“ пред повеќе од една година, а досега стекнал 70 клиенти, па вработил и тројца пријатели од класот.

Младиот претприемач, кој уште од двегодишна возраст страда од аутизам, досега заработил над 6.000 долари.
На прашањето за неговиот мотив за работа, иновативниот тинејџер од југоисточен Бризбејн во Австралија на шега вели: „Едноставно сакам да добивам пари“.

Клеј на своите клиенти им наплаќа 10 долари по канта и по 5 долари за секоја дополнителна канта.
Неговата мајка Лаура Луис му помогнала при почнувањето на бизнисот, откако не можел да добие никаква работа што би ја работел по училиштето за џепарлак, пишува „Дејли мејл“.

– Клеј зборува поинаку од другите луѓе и затоа работодавците имаат неправедни претпоставки врз база на првиот впечаток – изјавила неговата мајка за „Дејли мејл Австралија“.
– И денес да отиде на разговор за работа, ви гарантирам дека нема да ја добие. Тие не знаат дека има добра работна етика, дека е лојален и многу вреден. Кога луѓето би добиле шанса, би им се зголемила самодовербата – додава Лаура.

Целта на Луис е нејзиниот син да стане независен член на заедницата, кој не мора да се потпира на социјална помош поради својот инвалидитет.
Клеј одлучил дури и да им помага на други луѓе, па понудил и чистење канти за ѓубре во добротворни цели. Растечкиот бизнис на овој ученик ја поттикнал неговата мајка да симне апликација за управување со неговиот распоред поради сè поголемиот број клиенти.

Зои Лотон, која е постојан клиент на претпријатието на Клеј, изјавила дека ова шеснаесетгодишно момче секогаш работи одлично.
– Тој на сите им е голема инспирација, не само на тинејџерите, туку и на луѓе како мене – вели таа.
Од 70 клиенти во базата на податоци на Клеј, 30 се редовни.
Тој не е сигурен што ќе работи по завршувањето на средното училиште, но вели дека постои опција да ја прошири својата работа и на чистење дворови.

– Луѓето ги поминуваат деновите на работа и немаат многу време, а кога имате и дете со посебни потреби, наоѓањето некоја мала работа по училиштето не би требало да биде толку тешко. Шетање кучиња, полевање и косење тревници или чистење базени се работи што секое семејство со работни обврски може да ги плати некому за да ги извршува.
Ги поттикнувам родителите да им помогнат на своите деца да најдат заинтересирани клиенти на пазарот и едноставно да направат страница на „Фејсбук“ – објаснува Лаура.

Клеј штеди од својата заработувачка бидејќи сака еден ден да отиде на одмор во странство, особено во Дубаи на Формула 1.

 



912

X