Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Нашето 7-годишно дете не сака да почитува ред и правила и постојано протестира. И како цело време да е расеан, како да е на друго место со умот. Постојано ѕенѕа.
Ако треба нешто да направи, го одлага или откажува – било да се работи за спиење, јадење, облекување, домашна задача. Често го присилуваме да ја заврши обврската, сме испробале многу техники на убедување, па дури и физичка казна, ама ништо не ни успева.
Иако ме убедуваат дека е вродено, јас мислам дека голем удел во шаблонот на однесување има тоа што од една година, ние сме на работа само прва смена, го чуваа дедо му и баба му заедно со братучед му, кој е една година поголем. Братучедот е емотивно запоставено, посесивно и многу љубоморно дете. И тој му беше прв модел, прв пример. Буквално го малтретираше син ми, секогаш пред него и прв, сѐ му земаше од раце и му растураше сѐ што ќе направеше. Го маваше по глава, а бабата и дедото сето тоа му го дозволуваа бидејќи беше/е многу запоставен од родителите. Нашиот си трпеше.
Со братучедот немаше игра, конструктивност, само нешто деструктивно. Ме нервира што иако сега ретко се гледаат, тој го пие секој гест на братучедот и по неколку дена почнува да го применува. Имаме 3-месечно бебе и станува сѐ полошо. Кое е Вашето мислење и совет?

ОДГОВОР: Ова што го презентирате е класичен пример на поддржано врсничко насилство уште од мали нозе. Психологот Бандура рекол дека се прифаќа оној модел на насилно однесување на помоќен член, кој не се казнува, ниту санкционира, туку се прифаќа и одобрува од системот на најблиски. Сметам дека истово се случува и кај вашето дете. Има една друга работа кога зборуваме за насилството – колку околината, во овој случај родителите реагираат навремено на ваквиот тип насилство, колку и како ја нуделе заштитата од ваков тип насилство. Она што го забележувам во вашиот однос е одредена амбивалентност која и вашето дете ја има, а тоа е имате многу против она што се случува, но како да сте парализирани да преземете што било затоа што сме семејство, нели? Па детето честопати било враќано во устата на лавот, оставено самото да се соочува со насилството. Најлесен начин е и тоа да стане насилник, затоа што не може и не е поддржано да се оттргне од насилството, туку мора да го копира моделот на однесување за да „преживее“.

Ова што го раскажувате е системска тортура и хронично малтретирање кое траело со години. Сепак, го поставувам прашањето што вие како родители сте направиле во врска со ова? Од друга страна, уочувам дека и самите имате мислење за синот како слаб, наивен, во неможност да се спротивстави. Тоа влијае и врз неговото чувство за себе, бидејќи велите дека е приврзан со вас. Од една страна, има потреба од вас, од друга страна, ја добива информацијата дека е немоќен да се соочи. Има некоја безволност и кај вас во однос на ова што се случува, некако како и самите да ги прифаќате работите такви какви што се, под тие услови, и со тие начини на соочување. Тогаш што очекувате да направи детето и која е неговата моќ да се спротивстави кога вие не се спротивставувате на она што е воведен систем. Едноставно, во ваква ситуација насилството се нормира, поточно се прифаќа како нормален акт на комуникација.

Искрено, сметам дека многу голем период е поминат и ефектите на насилството се длабоко вкоренети во чувството за себе кај детето. Во овој период ќе биде исклучително нагласено затоа што имате принова во семејството која ќе ви го одвлекува вниманието додека вашето прво дете се адаптира на новата покомплексна средина. Ви препорачувам вашиот син да почне да ја јакне врската со неговиот татко, да се дружат многу повеќе со цел да се повлекува од вас кон една друга поавтентична идентификација, или посоодветен модел на однесување. Потребно е да се усогласите во однос на обврските со двете деца, и додека вие сте природно сега понасочени кон бебето, вашиот сопруг да биде попосветен на вашиот син. Се разбира, не го познавам контекстот на вашето партнерство и брак, и претпоставувам дека кога го пишувавте прашањето, го пишувавте во името на двајцата. Доколку имаме незаинтересиран и повлечен родител, незаинтересиран да преземе дел од обврските, тогаш искрено и не може што многу да се направи. Вашето момче ќе ги следи и понатаму моделите на моќ кои се поддржани во средината без разлика колку несоодветни ќе бидат. Нему му е потребно да се поврзе со една поинаква фигура на моќ и влијание. Ако тоа не може да го обезбеди едниот родител, тогаш често пати многу позитивно влијание имаат наставниците, или тренерите на некој спортски тим.

Исклучително значајно за вашето дете е и активирањето во некој спорт и зголемување на неговата физичката спремност, која ќе му даде поголема моќ и чувство на постигнување. Доколку вашето дете досега не е вклучено во некоја спортска активност, обидете се да го поддржите да ја препознае и да ја најде.
Моделите што ги следиме и со кои се идентификуваме се исклучително значајни во развојот на децата. Се надевам дека ќе го насочите да ги најде и следи моделите што ќе му презентираат посоодветни вредности.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X