Што се тоа граници? Едноставно е. Границите се „црвени линии“ помеѓу вас и детето кои не би требало да ги поминувате. Тие се однесуваат на две работи:

– почитување на светот на детето кој има граници како за сите луѓе, така и за вас;
– воспоставување и задржување на вашите лични граници преку кои детето не смее да помине,

Поставувањето на границите се учи. Ако сакате однос полн со љубов, многу е важно да ја имате предвид важноста на задачите што се пред вас:

– да ги прифатите емоциите на детето, без разлика дали ви се допаѓаат или не;
– да сфатите дека детското „не“ некогаш не можете да го претворите во „да“;
– да го почитувате изборот на детето и да не инсистирате на својот по секоја цена;
– да го цените телесниот простор на детето и доживувањето на телото;
– да не ги наметнувате своите решенија, одлуки, идеи пред да ги чуете и оние на детето.

Момент на преиспитување

За добар односот со детето треба да разберете преку што сè би поминале, а преку што не. Тогаш настапува моментот на лично преиспитување. Иако тоа понекогаш е болно, верувајте дека е лековито. Обидете се да се сетите:

„Дали моите родители ми одобрувале сè?“
„Дали моите родители беа толку строги што забрануваа и казнуваа сè?“
„Дали му дозволувам на секого да ми каже што сака и како сака?“
„Дали мојот родител бил посветен само на другите, а на себе никогаш?“

Кога ќе одговорите на вакви и слични прашања, ќе биде сосема јасно дали сте имале од кого да научите како да ги одржувате границите, а потоа и дали самите ги имате. За пример, ставањето себеси на последно место е типично нарушување на сопствените потреби и самопочитта. Сепак, не заборавајте дека во нашето општество тоа се смета како родителска пожртвуваност. Со поставувањето на таквите стандарди никој не води сметка за тоа како вие се чувствувате. Ако се случува цел ден да не јадете, да не одвоите 10 минути дневно за себе, своите желби да ги сметате за занемарливи, тоа веќе не е грижливо родителство, туку недостиг на здрави граници. На децата мораме да им покажеме дека постојат граници: дека сме си важни сами на себе, дека се цениме себеси и своето време, дека не мораме секогаш сè да одобриме, дека и нам ни треба одмор… Ако тоа не го прикажеме како важно, децата нема да можат да научат да ги постават своите лични граници и да се заштитат.

Како се чувствувате вие?

За да знаете дали имате лични граници (а со тоа дали можете и на детето да му ги поставите), не е потребно да имате какви било стручни знаења, да познавате теории и слично, туку само да ги пратите своите чувства. Бидете си важни сами на себе. Тоа ќе ви даде одговор на прашањето дали дозволувате некој да ги надминува вашите граници. За да ви олесниме, тука постојат неколку корисни знаци што ви укажуваат дека треба да поработите на тоа:

Тешко велите „не“. Иако изгледа баш лесно да им се спротивставите на другите и да им кажете дека нешто не можете и не сакате, всушност не е така. Ако повеќе одбирате да не се замерувате со другите, да премолчите или да направите нешто по туѓа волја, веројатно не се борите за себе и за своите граници. Ако застанувањето во сопствена заштита кај вас предизвикува страв, анксиозност и непријатност, тоа е сигурен аларм дека треба да се преиспитате.

Себеси секогаш се ставате на крајот. Ако чувствувате вина, срам или страв кога ќе ги поставите своите потреби и желби на прво место, се борите со изградбата на личните граници. Тоа е основа на самопочитта. Ова важи дури и кога се во прашање вашите родени деца. Задоволувањето на нивните потреби е многу важно, но треба да се препознаат приоритетите. Немојте да водите живот правејќи сè само за другите.

Никогаш не се прашувате себеси. Додека трчате на работа, па по децата, па на игралиште, никогаш не го поставувате прашањето: „Што ми треба мене сега?“, или „Што сакам сега?“ Доколку е така, постои можност дека во целата мешавина на чувства, обврски и односи всушност ќе се изгубите себеси. Кога мислиме на себе и своите потреби, тоа не е себичност, туку грижа за себе.

Сè на сè, важно е да се потсетуваме дека тука се работи за учење на една вештина. Можеби се прашувате дали ова се однесува на вас. Ако се чувствувате незадоволно и фрустрирано или не успевате да му поставите граници на детето, тогаш ова е тема за размислување. Работата на себе во оваа смисла дава паралелни ефекти. Поставувањето лични граници значи да се биде подготвен да им ги поставите и на другите, но и да го охрабрите своето дете да се впушти во такви подвизи.

Автор: Тамара Костиќ, психолог



912

X