Ако родителот не сакал некој дел од нашето ЈАС кога сме биле деца, нема ниту ние да го сакаме. На крајот ќе пораснеме во личност која се мрази себеси (или барем некој дел од себе). Да се живее, а да не се сакате себеси е живот полн со страдање. Да се мрази она од кое не можеш да отидеш е многу тешко. Најголема иронија и парадокс е што тој дел од нас кој родителот го „мрази“ , го има и тој и исто така го мрази или воопшто не го гледа. И така тоа лудило со генерации оди во круг додека една генерација не одлучи дека е доста.
Тој дел од себе секогаш ќе го криете и ќе сакате да го нема. Партнерските односи се вистински пекол кога се плашиме дека тој дел од нас ќе исплива на површина. Нема шанси да помислиме дека некој може да нè сака покрај тоа. Како некој би можел кај мене да го сака она што моите родители го отфрлиле?
Спротивставувањето на некој образец на однесување кој е присутен во семејството многу долго е навистина тешка работа. Да се засакате себеси е процес кој трае, не се случува преку ноќ.
Кога еднаш навистина ќе го засакаме оној дел од себе што како деца сме го мразеле и потиснувале, тогаш буквално почнува еден нов живот. Кога ќе се сретнат детското ЈАС и возрасното ЈАС и ќе си подадат рака и одлучуваат заедно да одат понатаму, тогаш сè станува полесно. Не можеме тогаш да веруваме дека претходно сме мислеле и правеле поинаку.

Сознанието дека не сме отфрлени или дека од тоа отфрлување веќе не се плашиме е исцелувачко и ослободувачко. Ни се чини како сето тоа претходно да било лажен живот и дека би требало сè од почеток да почнеме, со оваа нова, целосна личност која сме станале. Дури тогаш го прифаќаме своето детско ЈАС, стануваме возрасни. Додека го одрекуваме и игнорираме, значи дека и понатаму сме тоа мало дете кое се мрази бидејќи се смета „несакано“.
Односот помеѓу детското ЈАС и возрасното ЈАС е најважен однос во нашиот живот. Додека тие две ЈАС не се сретнат и не се прифатат, нема мирен и среќен живот.