Веќе некое време владее трендот на понижување на жените што се породиле на „лесен начин“, поточно на тој начин што примиле епидурална анестезија. За оние со царски рез подобро да не пишувам, бидејќи тие веројатно се за бесење, вели во својата колумна популарна српска блогерка која пишува под псевдонимот Немајка.

Како нашите мајки и баби се породувале без никаква помош, и што им недостига? Еднаш ќе напнат, ќе се роди детето на нива, ќе го завиткаат во лист од пченка и ќе продолжат да копаат. И, да не се лажеме, не е во прашање само начинот на кој сте се породиле. Сè е во прашањето. Хиените едвај чекаат да наидете, па малку да ви го посолат умот дека сте разгалени, мрзливи и недоволно пожртвувани мајки. Акцентот е на тоа да бидете жртва и маченица.

Ме интересира, кога правите заб, дали тоа го правите „на живо“ или примате анестезија? Или воопшто не одите на забар, туку чекате самите заби да ви паднат бидејќи така правеле нашите баби? Исто така, да ве прашам: како нашите мајки, баби и останати ги переле алиштата на раце, садовите ги миеле  на раце, шиеле облека, користеле памучни пелени, го миеле детскиот измет со сопствените раце? Не гледам дека правите нешто од тоа. Ајде, одете на поток, па исперете ги гаќите на сопрузите. Што, немате поток во близина? Тогаш во када? Не сакате, имате машина за перење облека? Па како тоа сега, па нашите баби немале машини за перење.

А ако имате машина за миење садови, тогаш сте разгалени и немам поим што правите дома по цел ден. За машината за сушење облека воопшто да не зборуваме. Селективно сте светици, селективно сте великомаченици. Ја обликувате вистината така како што ви одговара, така што се воздигнувате себеси, а другите ги понижувате, од за мене непозната причина. 2019 година е, а жените и понатаму упорно се обидуваат да направат некои жртви од себе, маченици, бидејќи ете, тие сè претрпеле и ќе трпат уште повеќе, бидејќи тие се мизерни. Зарем ни малку не ви е срам така да се однесувате во 21 век, во кој сме влегле пред цели 19 години?

Јас не сакам децата утре да ме паметат како некоја маченица која, наводно, се жртвувала заради нивното добро. Сакам да ме паметат како една силна и способна жена, мајка која не трпи глупости, мајка која се сака и себеси, бидејќи како што би рекол Ру Пол: „Ако не се сакаш себеси, како по ѓаволите, ќе сакаш некој друг?“

Немам потреба да се величам како маченица бидејќи не сум. Ако не мора да боли, не сакам да ме боли и точка. Е сега, јас епидурална анестезија никогаш не сум примила, првиот пат не, бидејќи сакав да видам како е без (не затоа што мислев дека така мора), а вториот пат бидејќи не стигнав да ги завршам анализите и да одам на консултации, а и се породував во болница во која веројатно секако не би добила анестезија бидејќи нема доволно анестезиолози. Не пробав породување со епидурална анестезија и жал ми е што тоа ќе ми остане како скратено искуства. Веројатно е позабавно (споделете искуства).

(П.С. Не оптоварувајте ме со : „Леле, јас примив анестезија и сега имам проблем со грбот“ – „Бич плиз“, јас не примив анестезија, го имам истиот проблем. Тоа нема врска со умот, туку со породувањето, физичката неактивност итн.)

Не се сметам себеси за поголема мајка од жената што се породувала без никаква болка. Не се сметам себеси за подобра ниту што не пуштив глас во текот на проодувањето (иако мислам дека можете да бидете малку потивки, само без потреба трошите енергија која ви е потребна за туркањето на крај, и тоа е сè).

Секој има различен праг на болка и зошто некој би трпел и би си правел траума доколку не мора? Молчи и трпи – па, не се ова педесеттите. Мајчинството не е натпревар (а особено не е натпреварување за тоа кому му е потешко и кого повеќе боли), туку е ваше патување, ваше искуство со вашите деца.

Мајчинството не треба да боли.

Мајчинството не е губење на себеси и својот идентитет како жена и личност. Мајчинството не е жртвување на бракот и отфрлање на мажот  бидејќи децата сега се целиот свет (задолжителен е и хаштаг). Мајчинството не е ништо од тоа, туку љубов, трпение, дисциплина, прошетки, игра, забава, насмевки, чиста коса, валкана коса, ненаспаност, грижа, солзи (радосници и за тага)… сето тоа е мајчинство, но жртвување – не е.

Доколку немате попаметна работа отколку да се занимавате со тоа кој како се породил, дали по природен пат (инаку и со епидурална анестезија е природно, поздрав), дали со царски рез, дали некој дои или не, дали го храни детето со грицки или авокадо, тогаш време е да си најдете хоби. Сакав да пишувам на тема епидурална анестезија, но сепак пишував малку поопширно бидејќи сè е поврзано. Жената на жена ѝ е волк – наместо меѓусебно да се поддржуваме, во овој свет во кој жените и натаму се дискриминирани на толку многу начини, ние кокодакаме и една на друга си правиме сопки. А 21 век е. Дваесет и први век.



912

X