Интернетот е простор кој дефинитивно не треба да се потценува, во која било смисла, а повторно се случува некогаш и тоа како да го потцениме. „Сè што се наоѓа на интернет не значи дека е вистина и дека е токму така како што е прикажано“, тоа сме го чуле милион пати и на некои верувам им здосадила таа мисла, но без разлика на тоа, се случува некои работи навистина да се случат. Секогаш сакаме да веруваме дека луѓето се подобри и дека светот е поубав отколку што е, но се случува да се разочараме многу пати.

Во текот на растењето родителите секогаш нè насочуваат што смееме да правиме, а што не смееме. Што е добро за нас, а што не е. Па додека не се изгориме од тој добро згреан шпорет, не знаеме што е навистина огнот и дека ќе нè испече. Можеби ова е еден од многуте примери со кои сме се среќавале кога сме биле мали бидејќи кога си мал, не знаеш што значи шпорет или оган. Ги гледаш родителите зачудено и повторно ја ставаш раката да видиш дали навистина е топло како што велат. Само мајките и татковците нема секогаш да бидат тука за да ви ја тргнат раката и да ви помогнат. Особено кога не знаат што пратиме.

Родителите не се тука кога се „запознаваме“ на интернет, ги нема кога ги делиме своите моменти со непознати лица. Претходно беше многу полесно да се препознае лажен профил бидејќи обично немаа своја фотографија, немаа пријатели и уште на прв поглед сè беше сомнително. Сега? Сега тие профили се вклопуваат во секојдневните профили. Внимателно се направени да изгледаат реално. Се ставаат профилни фотографии кои не се „лажни“, сите изгледаат како да е баш таа личност зад профилот, а всушност се наоѓа да речеме постар човек кој сака да ве измами да му пратите ваши фотографии кои верувам дека не би сакале некој да ги види. Без сомневање постојат и овие први профили што ги споменав, но кон нив уште во старт се сомневаме.

Колку и да зборуваат луѓето дека некои работи не може да им се случат, дека се попаметни од тоа, забораваат дека децата  во тој период учат што е добро, а што не е. Децата не знаат, а се случувало и возрасните да бидат измамени. Желни за разбирање и некој да ги сфати, децата често запаѓаат во замки. Не така често и самите слушаме како туѓинците подобро нè сфаќаат отколку некој што ни е роднина. Тие луѓе секогаш „играат“ на емоција. Емоцијата стана толку експлоатирана и користена во манипулативни цели, што често девојчињата мислат дека ако не му испратат компромитирачка фотографија на момчето, ќе го изгубат и тука е крајот.

Социјални мрежи не се само „Фејсбук“, „Инстаграм“, „Твитер“. Друштвени мрежи се и „Вацап“ и „Вибер“, па и не е чудно дека токму на тие социјални мрежи децата, но и возрасните се чувствуваат најсигурни бидејќи сметаат дека таму комуникацијата е само со оние со кои сакаат да комуницираат. Не сфаќаат дека и тоа е социјална мрежа, само поразлична, на пример, од „Фејсбук“. Често слушам од пријатели и познајници кои ми кажуваат: „Немаш поим, постојат скриени разговори внатре во апликацијата и по одредено време исчезнуваат, никој никогаш не може да види што си испратил или напишал“. Тоа не е точно. Сè што еднаш ќе се стави на интернет, може и тоа како да се види повторно, но и да се злоупотреби.

Иако мислите дека профилот не ви е јавен и дека сте поставиле поставки, на пример, на „Фејсбук“ вашата содржина да ја гледаат само вашите пријатели, никогаш со сигурност не можете да знаете дали некој од вашите пријатели таа иста содржина нема да му ја покаже на свој пријател, тој пријател на друг и така до недоглед. Набљудувајте го својот профил секогаш бидејќи е „јавен“ и секој може да види сè . Една реченица ми остана врежана во мојата глава, не знам кој прв ја рекол, но оди вака: „Ако нешто од својата содржина не сакате да го видите на билбордот или би ви било срам истото да го видат вашите родители, не поставувајте го на социјалните мрежи“. Внимавајте на своите лични податоци, адресите на живеење, сè што може во која било смисла да се злоупотреби. Ставајте ги своите профили на „јавно“, па по 7 дена или еден месец погледнете дали има различна содржина од онаа што сте ја ставале, а ако е, тогаш знаете во што е проблемот.

Од исклучително значење е свеста за сето она што нè опкружува и да знаеме како можеме на најдобар начин да изреагираме во таа ситуација. А треба да бидат свесни и возрасните и децата.

Автор: Бранкица Смиљаниќ

Извор



912

X