Однесувањето на децата зависи од воспитувањето и системот на вредности што го имаат родителите. Наследните предиспозиции се само рамки во кои детето се развива под влијание на родителите и околината. Дали детето ќе биде агресивно или не, зависи од стилот на воспитување што го применуваат родителите, а според зборовите на психотерапевтот Светлана Кнежевиќ, разгалените, занемарените и злоупотребените деца се најчесто агресивни.

– Разгалените деца не прифаќаат препреки во задоволувањето на своите желби и затоа се склони кон изливи на бес. Занемарените деца го вртат вниманието на себе преку негативно однесување затоа што кога се мирни, никој не обрнува внимание на нив. Злоупотребените деца се полни со бес и го изразуваат таму каде што смеат, а тоа се врсниците – објаснува психотерапевтот.

Според неа, кога на овие внатрешни фактори ќе се додаде и влијанието од медиумите, игрите и врсниците, тогаш добиваме однесување кое е деструктивно и за детето и за околината.

– Од друга страна, доколку детето е воспитувано со многу љубов, почит и дисциплина и ако има систем на вредности во кој се почитува себеси и другите, влијанието на медиумите нема да биде значајно. Родителите на малолетни деца се одговорни за нивното однесување и затоа доколку детето има проблем со агресивност, потребно е да се работи со родителите. Се разбира, тие не се расположени ниту за работа на себе бидејќи да се, веројатно не би ни дошло до ова нарушување во однесувањето кај децата. Дури и да побараат помош од експерти, обично сакаат тие да го поправат детето како да е некој предмет, а не сакаат и тие да се вклучат – истакнува Кнежевиќ и додава дека родителите обично бараат помош кога детето станува агресивно кон нив.

Тука, значи, се јавува уште еден фактор за агресивноста, а тоа е родителската немоќ, односно недостигот на авторитет. Доколку не се создаде однос во најрана возраст кај детето, проблемите се зголемуваат со растењето. А авторитет не се создава со страв, туку со обострано уважување, љубов и јасни граници.

– Бидејќи кај нас постои епидемија на разгаленост на децата и бидејќи ниту училиштата веќе немаат авторитет, агресивноста е во пораст. Казнувањето е мерка која дава само делумни резултати. Агресивното дете треба да создаде поразличен однос кон себе и кон другите луѓе и светот што го опкружува. Треба да се работи на развивање на емпатијата и на развивање систем на вредности во кој на детето ќе му биде важно како ќе се однесува во општеството – вели Кнежевиќ.

Агресивните деца се дружат меѓу себе затоа што се прифаќаат едни со други, а секоја личност сака да биде прифатена. Тие ќе го променат своето однесување само ако имаат последици. Така, на пример, ако некој деликвент добие работа што многу му се допаѓа, може целосно да го промени однесувањето во таа средина и да биде послушен и вреден.

– Порано во војска се препознаваа ваквите лица и на проблематичниот војник му се доделуваше улога на десетар и да одржува ред. Ова се покажало како успешно, а причина било тоа што тие лица првпат во животот доживеале некој да ги цени, а не да ги казнува. Агресивноста кај децата може да се намали само со заедничка работа на родителите, воспитувачите и општеството во целина. Медиумите можат да помогнат со содржини кои пропагираат воспитни методи за родителите и наставниците, а општеството така што ќе овозможи воспитувачите и наставниците да имаат авторитет – заклучува психотерапевтот.

Автор: Радмила Николиќ
Извор



912

X