Дури и навидум безопасните адитиви, како вештачките бои, во храната може да влијаат врз развојот на децата

По анализа на 10.000 хемикалии што американската Агенција за храна и лекови – ФДА ги одобрува за преработка на храната, американската Академија на педијатри бара построги регулативи со кои подобро ќе се заштитат потрошувачите.
Хемиските адитиви што се користат за зачувување на храната или за менување на вкусот и изгледот на храната се штетни за децата. Нивниот метаболизам и органскиот систем можат да бидат сериозно погодени од нив, велат авторите на истражувањето. Некои од најраспространетите соединенија што се наоѓаат во храната и во пакувањата предизвикуваат најголема штета, нарушување на пубертетот, поттикнување дебелеење и оштетување на плодноста. Сето ова е дел од анализа објавена во стручно медицинско списание.
Недоследностите во истражувањето за безбедноста на храната и долгорочните ефекти на често употребуваните адитиви придонеле за нарушување на здравјето на децата. Според амандманот за адитиви за храна од 1958 година, за многу хемикалии автоматски се претпоставувало дека се безбедни, со малку или никакви дополнителни истражувања, а повеќе од 1.000 биле генерално признати како безбедни од страна на консултантски компании наместо од ФДА. На овие консултанти им било легално дозволено да го заобиколат формалното одобрување на ФДА на хемикалиите.
– Како педијатри, особено сме загрижени за недостатоците во податоците за здравствените ефекти на многу од овие хемикалии врз децата – вели главниот автор Леонардо Трасанд.
Истражувачите ги поделиле хемикалиите на директни адитиви, што ги вклучуваат боите и вкусовите додадени при преработката, и индиректни адитиви, што се содржат во пластиката, боите и лепилата што се користат во пакувањето, што можат да ја загадат храната откако ќе се обработи.


Високата концентрација на индиректниот адитив бисфенол А може да го промени времето кога децата влегуваат во пубертет и да предизвика дебелина. Поголема е веројатноста семејствата со ниски примања да консумираат храна со овој адитив бидејќи го има во конзервираните производи, кои се поевтини.
Дури и навидум безопасните адитиви, како вештачките бои, во храната може да влијаат врз развојот на децата. Истражувањата ги поврзуваат хемиските бои што најчесто се користат во соковите што содржат малку или никакво овошје со хиперактивниот дефицит на вниманието. Перхлорат, уште една чиста хемикалија пронајдена во пластична амбалажа на сувата храна, може да ги промени раниот развој на мозокот и функцијата на тироидната жлезда.
– И покрај тешката политичка клима, постои итна потреба носителите на одлуки да го решат ова прашање – вели Трасанд.

 



912

X