Мајката ја нема на сликите. Едноставно ја нема.

Затоа што, во најголем дел, таа е онаа што го забележала моментот што вреди да се фотографира. И го грабнала телефонот.

Можеби некој случајно помислил дека треба да ја фотографира мајката, но бебето токму тогаш плачело, па морало прво да се нахрани. Но, детето потоа морало да оди во тоалет, па таа притрчала да му помогне.

Но, едно од децата истурило вода на подот и врз себе, па мајката морала да го пресоблече и да го исчисти нередот.

И можеби сѐ е во ред, никој ништо не истурил, никој не морал да мочка, ниту пак е гладен. Но, косата ѝ е страшна бидејќи немала време да ја измие, а на кошулата ѝ се истурил сосот од ручекот на бебето. И го мрази нејзиниот изглед во тој момент.

Или, можеби ги избришала фотографиите со неа затоа што се „баш ужасни“ и се гледа нејзиниот стомак, кој не го изгубила од бременоста.

Но, фотографиите не треба да доловат совршен изглед. На нив ни требаат оние вистински моменти што ги живееме. Моменти кои сакаме нашите деца да ги паметат, а доколку ги заборават, да можат да ги погледнат во албумот и да се потсетат. Дека мама била таму. Дека нејзината фризура можеби не била совршена, но имало толку многу љубов, што фризурата воопшто не била забележана.

Дека сме биле заедно, сме печеле колачи, сме пливале во базен, сме се смееле, сме сакале да бидеме заедно.

Дека сме ги воделе на собири, родендени, долги прошетки. Секогаш сме тука за нашите деца и тоа треба да се види на фотографиите. Затоа што тие фотографии, еден ден, ќе им бидат спомени од нас и дека секогаш сме биле таму.

И тоа е важно, бидејќи нема да бидеме тука засекогаш.

Автор: Александра Цвјетиќ

Извор



912

X