Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете ќе полни 5 години, но неговото однесување веќе ме загрижува и се разликува од однесувањето на другите деца. Оди во градинка, барав и таму да го види стручно лице, но одговорот беше дека тој е сосема нормален освен што е малку асоцијален и кога има некакви активности, како боење и цртање, не сака да соработува или само кратко време го работи тоа. Именува и препознава сѐ, бои, броеви ,собира до 20, животни, предмети, појави, говорот му е развиен, но не на ниво на 5-годишно дете, користи едноставни прашања и одговара со прости реченици. Зборува и разбира и англиски, многу подобро од македонски, и сето тоа е самостојно научено од цртани. Ретко игра со други деца, најчесто сака самостојно да игра и додека игра, си прави сам дијалози кои речиси секогаш се поврзани со цртаните што ги гледа. Ве молам за совет и што да преземеме, премногу сум загрижена.

ОДГОВОР: Тенденцијата на секој родител да го споредува развојот и поведението на своето дете со другите деца во домот или надвор од него е несвесен механизам во кој постојат компоненти на страв и потреба од чувство на контрола.

Вашата загриженост е насочена кон социјалните вештини и начинот на кој комуницира. Зборува и разбира и англиски јазик, многу подобро од македонски мајчин јазик. Таквата билингвалност на дете чиј мајчин јазик е македонски, а тоа совладува странски јазик кој не се зборува во непосредната околина, во претшколска возраст ги инхибира социјалните вештини, а исто така и говорно-јазичните способности искажани на мајчин јазик.

Вашето дете има пет години, па за да не правите субјективни процени, а воедно и да ја решите вашата загриженост, направете го тоа кај стручни лица, дали тоа ќе биде Државниот завод за ментално здравје на деца и младинци или, пак, некој друг центар во кој има тим од стручни лица кои би ви дале мислење, совети и насоки во врска со развојот на вашето дете.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X