Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има 21 месец и не зборува, само понекогаш вели баба, мама… Ме разбира кога ѝ зборувам и понекогаш извршува наредби. Почна да оди во градинка пред 3-4 месеци, но не сака да си игра со децата. Многу сака да гледа цртани филмови, дали тоа е проблемот што не зборува или уште е мала? Се консултирав со еден психолог и ми рече дека изгледа доцни малку во развој и дека е премногу мала за друга дијагноза. Што да направам?

ОДГОВОР: Вашата ќерка сѐ уште е мала, па затоа би требало да го искористите овој период од нејзиниот развој што повеќе да ја стимулирате, да ѝ се посветите и да работите со неа. Од друга страна, секое дете се развива со свое темпо и не е благодарно сите деца да ги ставаме во ист кош, но сепак постојат развојни насоки по кои можеме да се движиме и да забележиме колку нашето дете оди во чекор со својата возрасна група, или е понапредно или заостанува.

Цртаните филмови, а денес и мобилните телефони се популарна форма на забава за многу малите деца. Шарените ликови, светлите бои, привлечните песни и возбудливите приказни можат да му го привлечат вниманието на детето и да обезбедат забава со часови. На возраста на која е вашата ќерка децата се природно љубопитни и желни да го истражуваат светот околу нив. Цртаните филмови им нудат возбудлив начин да научат нови работи и да ја поттикнат нивната имагинација, па лесно може да се занесат во тој разигран свет. Сепак, прекумерната изложеност на нив може да има негативни последици врз развојот на детето.

Премногу време поминато пред екранот може да доведе до доцнење во развојот на говорот, до намален опсег на вниманието и намалување на вештините за размислување. Јазикот е социјална вештина која бара интеракција со другите за да се развие. Децата треба да слушаат зборови и фрази кои се повторуваат во контекст и да се вклучат во разговорите за целосно да ги развијат своите јазични вештини.
Покрај когнитивниот развој, екраните негативно влијаат и врз социјалниот и емоционалниот развој на детето. Гледањето цртани филмови може да го намали времето што децата го поминуваат во интеракција со другите, што е клучно за развивање на социјалните вештини. Тие се пасивна забава и не им овозможуваат на децата да се вклучат во креативна игра или некоја физичка активност.

За да го поттикнете нејзиниот развој, играјте со вашата ќерка. Играта има огромно значење за нејзиниот развој, помага да ги развива когнитивните, социјалните и емоционалните вештини. Обезбедете различни играчки соодветни на нејзината возраст кои ќе ѝ овозможат да ја истражува околината, како што се коцки, сложувалки, топки и книги, играчки животни, звучни играчки итн. Исто така, вклучете имагинативна игра, на пример, да играте лекар, готвач… Земете сликовници и читајте, на тој начин ќе го проширува вокабуларот, барајте да покажува на слики, маче, куче… Изберете сликовници и книги со шарени слики и едноставни приказни кои лесно може да ги следи. Користете различни гласови и изрази на лицето за да го направите читањето попривлечно и позабавно.

Излегувајте и дружете се со други деца на нејзина возраст, при што ќе учи да споделува и комуницира со другите деца. Вклучете ја во физички активности, како танцување, скокање и трчање наоколу. И, секако, ограничете го прекумерното време пред екранот, а поминувајте поквалитетно време со неа. Воспоставете дневна рутина – кога јаде, кога игра, кога сте надвор, тоа ќе му помогне на вашето дете да развие чувство за структура и рутина и секако – поставување граници за тоа што смее, а што не.

Со многу љубов, трпеливост и внимание можете да му помогнете на вашето дете да го достигне својот целосен потенцијал.

Доколку ви е потребна дополнителна помош и разговор за вас и развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X