Првите неколку дена по породување се обично стресни за младите мајки, бидејќи тие сè уште не знаат што им кажува расплаканото бебе, па затоа не се сигурни дали има болки или само е гладно.
Со текот на времето мајката ќе може да ги препознае тие работи по тонот на плачот на бебето, но важно е да се запамети дека бебињата не „разговараат“ само преку плачење. Има многу суптилни знаци со кои сакаат да ни покажат што ги мачи, па затоа е важно да научиме да го препознаваме. Бебињата, на пример, често ги користат рацете за да покажат чувства, па истражувањата покажуваат дека оние бебиња што се гладни цврсто ги стегаат тупаниците.
Кога ќе почнете да ги храните, тие полека ќе ги пуштат прстите и целосно ќе ги отпуштат кога ќе се заситат. Кога прстите се целосно испружени, тоа е знак дека детето доволно јадело – открива акушерката Кејт Вејд од Мелбурн, која работи како воспитувач во фондацијата „Мали срца“. Таа додава дека начинот на кој се огласува бебето кажува многу за тоа. Ако детето одеднаш се вознемири во сон или почне да мавта со рацете и нозете и гласно да гуга, тоа исто така сака да каже: „Гладно сум“. Тоа ќе го покаже и додека безбедно лежи во вашите раце. Ако ја врти главата од една страна на друга додека ја отвора устата, тоа значи дека е време за јадење.

Кога пелените на бебето му се полни, тоа нема секогаш да плаче: понекогаш само ќе се грчи и ќе се мурти, а мавтањето со нозете може да му се зголеми, со што бебето ќе се обидува да ја извади пелената.
Од друга страна, ако бебето ве гледа со ококорени очи и посегнува по вас со рацете, тоа значи дека е подготвено за игра. И гугањето е еден од знаците дека бебето очекува добра забава. Сепак, најлесно е да се препознае кога е време за спиење: бебето ќе се смири и ќе почне да се проѕева, ќе почне малку по малку да ги затвора очите, а ќе се обидува да остане будно и вклучено во она што се случува околу него. Но, ова не се единствените знаци: ако е уморно, бебето ќе се смири, веројатно малку ќе се намурти и ќе го свие грбот, така што неговите ножиња ќе бидат во воздух.
Се разбира, тоа не се знаци кои секогаш го имаат истото значење, но можат да бидат ваш водич додека не научите да ги разликувате суптилностите.
Автор: Маријана Матковиќ