Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 22 месеци, а во последниве 2-3 недели почна многу да се плаши и да плаче без причина. Има период кога плаче во сон, се случува да се плаши од одредени предмети, на пр., торта со свеќички, балони, се плаши од ѕвонче, чукање на врата, ако дојде дома некој што ретко доаѓа, се крие во друга соба и плаче, и други ситуации. Се чувствувам беспомошно.

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост. Како родител, природно е да сакате да му помогнете и да го заштитите вашето дете, но сето ова што му се случува некако оди и со нејзиниот развој, таа расте и се менува.

На таа возраст многу деца одеднаш може да почнат да развиваат поизразени стравови во врска со сѐ околу нив. Ова е знак дека нервниот систем, кој ги предупредува за опасноста, се развива, па затоа ова е и добра работа. Како што напредува когнитивниот развој, се појавуваат повеќе стимули кои генерираат страв. Сепак, некои деца што минуваат низ оваа фаза на развојот понекогаш малку премногу реагираат, како да имаат алармен систем кој е премногу чувствителен. Од друга страна, тоа е знак дека вашето дете почнува да го разбира светот и начинот на кој тој функционира. Тоа учи да прави разлика помеѓу она што е безбедно и она што не е безбедно.

Иако така, за неа стравот е реален, иако нам, на возрасните ни изгледа ирационален. Затоа треба да го признаете, прифатите и рефлектирате.

„Ти се уплаши од…, но мама е тука, ќе бидеме заедно“. „Ти си моето храбро девојче“ Гушнете ја и погалете ја, но бидете внимателни да не претерувате.
„Ајде да земеме длабок здив и да се смириме заедно…“, „Во ред е да се плашиме и мама понекогаш се плаши од…, но можеме да се обидеме да бидеме храбри заедно“.

Кога се буди навечер, исто така бидете тука до неа. Можете да ја држите в раце, да пеете тивко за да се чувствува безбедно.
Играјте различни игри, да се крие, вие да се криете, цртајте, читајте сликовници, шетајте и изложувајте ја повеќе на работите од кои се плаши, на пример: „Да sвони на sвончето, играчки кои испуштаат различни звуци, дувајте заедно балони, играјте криенка со чукање на врата, прво таа да чука, а потоа вие…

Децата често ги собираат емоциите од нас, родителите, веројатно сте забележале дека вашето дете бара знак од вас во одредени ситуации и ја проверува вашата реакција пред да реагира. Поради тоа, би било добро да останете смирени и да се однесувате храбро, да не покажувате дека сте уплашени или вознемирени од нејзината реакција. Идејата е да ѝ помогнете да научи како да се справува со стравот. Сѐ додека вие не кревате паника, таа ќе учи од вас како да се справи со сопствените стравови.
Со трпение, љубов и поддршка, можете да му помогнете на вашето дете да ги надмине своите стравови и да изгради доверба и издржливост за иднина.

Доколку Ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X