Денешните генерации имаат многу афинитети, желби за различни хобија и волја да се занимаваат со различни активности. Има и деца кои немаат никакви интереси, односно не ги привлекува ништо.
Сепак, истражувањата покажаа дека стекнувањето добри навики како читањето е добро за развојот на детето на интелектуално, социјално и социолошко ниво. Истовремено, може да му помогне на детето со материјалот и учењето во училиштето. Детето кое не треба да се мотивира да чита и кое го прави тоа само има поголеми шанси да добива подобри оценки на училиште.
Зошто децата треба да читаат?
Не само што децата треба да читаат, туку им се советува на родителите на деца кои не знаат да читаат рано да ги запознаат со пишаниот збор. Читањето од рана возраст може да помогне во развојот на јазикот и говорот, комуникациските вештини, социјалните вештини и писменоста во иднина.
Низ читањето се стимулира делот од мозокот кој им овозможува подобро да го разберат јазикот. Исто така, читањето го развива делот од мозокот одговорен за социјалните способности, развој на говорот и писменоста. Освен тоа, истражувањата покажаа дека децата што читаат имаат подобро развиена имагинација и полесно ги разбираат јазичните правила. Овие вештини за когнитивно и критичко размислување од мали нозе можат да бидат многу важни, особено кога ќе видиме дека последните податоци за писменоста на децата се поразителни.
Кај поголемите деца, кои можат сами да читаат, продолжуваат да се развиваат претходно споменатите способности, но се подобрува и способноста на детето да го научи прочитаното. Ова може да биде од голема помош за детето во школувањето.
Ова се некои од причините зошто е добро да го мотивирате вашето дете да чита:
- развивање јазични вештини и речник;
- подобрување и олеснување на разбирањето на прочитаниот текст;
- подобрување на слухот;
- развивање имагинација и креативност;
- подобрување на социјалните вештини;
- зголемување на речникот од мали нозе;
- зголемување на разбирањето и критичкото размислување – развивање на говорот;
- помош при учењето.
Истражувањата покажуваат дека децата што читаат од рана возраст имаат поголеми шанси да научат повеќе информации и да развијат јазични вештини. Со развојот ќе имаат поголеми способности за читање, а колку повеќе и подобро читаат, толку се поголеми шансите успешно да го завршат образованието.
Како да го мотивирате детето да чита?
Сега, кога и самите сте свесни за сите придобивки од читањето, не би било лошо да поработите на тоа како да го мотивирате детето да чита. Детето ќе ги добие најголемите придобивки од читањето ако му се допаѓа активноста, а не ако му се наметнува. Оттука, почетокот на мотивирањето на детето да чита треба да биде разговор за тоа колку е важно читањето и колку придобивки може да му донесе. Мотивација може да биде и цртан филм или приказна за лик што детето го сака и сака да чита за него. Кога размислувате како да го мотивирате детето да чита, немојте да го присилувате бидејќи можете да постигнете спротивен ефект.
Еве неколку начини како да го мотивирате детето да чита.
Детето учи од родителите, што значи дека треба да читате и вие
Добро е познато дека голем дел од образованието во раните години доаѓа од родителите. Во овој период децата ги прифаќаат навиките и начините на однесување од родителите. Ако детето ги гледа родителите дека читаат, има поголеми шанси и тоа да биде заинтересирано за оваа активност.
Ако детето е мало за самостојно да чита, читајте му вие. Не е важно дали се работи за иста сликовница или книга, додека на детето му се допаѓа, читајте му ја постојано.
Оживејте ја приказната што ја чита детето
Ако детето чита приказна или сликовница за некои ликови или дејства, прашајте го дали видело такво нешто во живо. На пример, приказната може да биде за кошаркар, па поттикнете разговор со детето за кошарката и дали детето го играло тој спорт. Кога детето ќе се доближи до она за кое чита, поголеми се шансите да сака да се задлабочи во светот на имагинацијата, бидејќи на овој начин ќе го доближите до него.
Земете книга или сликовница кога одите на пат или во парк
Добар начин да го мотивирате детето да чита е да му давате книга или сликовница како опција за да го поминува слободното време. Секогаш кога треба да чекате негде, понудете му книга или сликовница. На тој начин му покажувате дека секое време е добро за читање. Ова е многу подобра алтернатива од мобилните уреди, видеата и видеоигрите.
Книгата треба да биде награда за добрата работа
Наместо бонбони или гледање видео, читањето книга или сликовница треба да биде награда за добро завршената работа. Покажете му дека читањето може да биде забавна активност, но и награда.
Читајте со вашето дете
Дајте си време и себеси, и на вашето дете да стекнете навика за читање. Ако видите дека некои зборови му се потешки, помогнете му и сите грешки претставете му ги како голем простор за подобрување. Можете да навлезете подлабоко во приказната и да прашате зошто некој лик постапил така или што детето мисли дека може да се случи во иднина со тој лик.
Изберете приспособени текстови и дозволете му на детето да избере само
Кога ги мотивирате децата да читаат, не правете ништо сосила. Дозволете му на детето да избере кога ќе оди во библиотека, но и да избере што го интересира. Ако е истата книга одново и одново, не е важно, на крајот ќе се одлучи за друга. Она на што треба да реагирате е детето да чита текстови приспособени на неговата возраст и развој.
Ако му подарите книга за понапредни и постари деца на премало дете, може да се случи да не го разбере напишаното или да има премногу страници. Ова може да предизвика вознемиреност и страв од неуспех, што е сосема спротивно од она што сакате да го постигнете.
912