Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Сакам да се посоветувам во врска со моето сега 4-годишно дете кое е многу емотивно, а истовремено доста темпераментно, активно, едноставно не застанува.
Промените почнаа кога првпат го запишавме во градинка. Првиот ден помина одлично, беше весел, но потоа следуваа тешки денови за нас како родители, а и за него како дете. Прифаќањето беше многу тешко, одеше со плачење, пред одење наутро се жалеше на болка во стомачето, знаеше да повраќа, таму одбиваше да јаде, па дури и тоа малку што ќе го изедеше го повраќаше. Неговото однесување и дома се смени, стана многу нервозен, плашлив, одбиваше да јаде, се плашеше дека ќе го боли стомакот. Јас бев веќе бремена, ризична бременост која бараше лежење 24 ч, а тој беше пресреќен дека ќе добие сестричка. Сите дотогашни заеднички обврски, активности и игри продолжи да ги прави со татко му, кој максимално беше вклучен.

Нашиот живот доби пресврт кога ненадејно го загубивме мојот сопруг и нивни татко, загуба која никој не ја очекуваше. Првите 2-3 дена бев исплашена, збунета, тажна, лута и уште што не, а тој како да знаеше дека нешто се случува, го бараше цело време, заспивањето навечер беше кошмар, не сакаше да заспие без тато, јас му кажував дека тато е на работа, а тој упорно го чекаше. Решив да му ја кажам вистината. Собрав сила, седнав и му раскажав дека тато повеќе нема да дојде, но дека ние секогаш ќе зборуваме, ќе се сеќаваме, ќе раскажуваме за него, можеме и да плачеме и да се тешиме заедно. Почна во сите секојдневни активности да зборува за татко му, да се сеќава како нешто правеле заедно.
Нов проблем имавме кога повторно тргна во градинка – плачење, болки во мешето, повраќање. Од тој ден детето многу се промени, почна да јаде помалку, се плаши од секој оброк дека ќе го боли стомачето. Веднаш добива нагон за повраќање, престана да ги јаде омилените работи од страв дека ќе го боли. Ве молам за помош.

ОДГОВОР: Искрено жалам за вашата загуба. Периодот од животот кој го опишавте во вашата порака е испреплетен со многу емотивни случувања. Сите овие промени се големи и стресни… поаѓањето во градинка на вашето синче, потоа вашата бременост, раѓањето на вашето друго дете и на крај загубата на сопругот.
Децата формираат посебна врска со своите родители, која најчесто е позитивна и безусловна. За нив тоа е првиот важен контакт кој ќе влијае врз нивните идни емотивни односи. Родителите се поддршката, примерот што треба да го следат, оние што помагаат на патот по кој ќе тргнат.
Губењето на родителот е болно и трауматично искуство за детето и може да предизвика чувство на тага, лутина, збунетост и неверување. Ова претставува сложено и психолошки болно емоционално искуство кое ја менува рамнотежата на целото семејство.

Помеѓу 3. и 5. година: децата ја разбираат разликата помеѓу живите и неживите суштества и луѓето, но не го разбираат концептот на неповратноста на смртта. Тие можат да го бараат лицето кое повеќе не е тука и не го гледаат, можат да го постават прашањето „каде отиде? или „кога ќе се врати?“ Смртта се доживува како долг длабок сон или патување кое вклучува враќање, но сепак не како крај на земниот живот.

Кога зборуваме за загубата, таа влијае и врз она што може да се дефинира како „безбедна сигурна база“ на детето од која заминува да го истражува светот и во која може да се врати. „Безбедната база“ е основата на раните чувства на безбедност и благосостојба.

Децата индивидуално се носат со загубата. Често се случува да се држат до таа идеализирана слика и да одат по стапките на родителот поради длабока желба да се почувствува поблиски со него. Затоа кај вашето дете почнува имитирањето.
Прифатете ја тагата на вашето дете и дајте му време да помине низ процесот на жалост, кој може да биде придружен со одредени однесувања бидејќи малите деца имаат тешкотии вербално да се изразат. Тие однесувања може да бидат како нарушување на спиењето, болки во стомачето, одбивање храна, регресија (цицање прст, мочкање), чувство на вина, епизоди на интензивни емоции (анксиозност, тага, болка, страв…).

Вие како родител сте принудени да се справите со оваа тешка емоционална ситуација, а истовремено и самите сте во период на жалење. Бидете искрени кон себе и кон вашите деца, покажете дека сте тажни и дека разбирате, дека сте тука за нив. Кога вие искрено ќе ги покажувате своите емоции, и вашите деца полесно ќе можат да ги искажуваат. Важно е децата да знаат дека и вие имате чувства, но дека постојат начини да се справите со нив за да се чувствувате подобро.

Научете ги децата на прифатливи начини за исфрлање на гневот, тагата, радоста како цртање лути слики, тажни, читање сликовници, трчање во дворот или фрлање перница на подот.
Покажете искрен интерес за активностите што ги прави.

Разговарајте кога ќе почувствувате дека му е потребен разговор, но не наметнувајте и не покажувајте преголема загриженост. Искрено одговарајте на неговите прашања. Слушајте го и потврдете ги неговите чувства, бидете трпеливи и нежни.
Добро е што тргнал на спортска активност и што други машки фигури од семејството се вклучени во вашиот живот со кои тој има добар однос.
Одржувањето доследна дневна рутина може да помогне да добие чувство на нормалност и стабилност во ова време на промени.
Бидете трпеливи и поддржувајте го додека минува низ овој тежок период, но не заборавајте се себеси, вие првенствено треба да бидете добри за детето од вас да учи, да гледа и да добива сигурност, која во овој период му е најпотребна.

Што се однесува до одењето во градинка

Вашето синче уште од тргнувањето во градинка поминувало низ промена и воедно и низ сепарационата анксиозност која на многу начини ја искажувал. Ова е вообичаена и нормална развојна фаза во која детето доживува чувства на вознемиреност и страв кога е одделено од родителот или од познатата околина. За родителот е тешко да го гледа детето како изразува страв, тага и неизвесност, особено кога е толку мало и полно со радост и љубопитност, а помислата дека вашето дете не се чувствува безбедно, удобно и самоуверено во светот околу него може да биде поразителна.
Како родител, ви било мачно да го гледате како се бори со анксиозноста и поради тоа сте го повлекле од градинка. Но тие привикнувања треба да се издржат и да се поддржува детето и во тој процес. Во исто време да не се сожалува или премногу штити, бидејќи тоа само го отежнува неговoто зајакнување при прифаќањето на промената.

Примарна потреба на децата е да се чувствуваат сигурно. Секако дека сите овие промени и процеси нема да можат да се случат преку ноќ, треба време детето да се привикнува на сите промени. Односот со децата се гради со слушање и разговор.

Доколку Ви е потребна дополнителна помош и разговор за вас и развојот на вашите дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X