Ново истражување објавено во списанието „Чајлд дивелопмент“ открило дека помладите деца ги учат своите постари браќа и сестри на важна човечка особина – емпатијата.

– Иако се претпоставуваше дека постарите браќа и сестри и родители имаат примарно влијание врз развојот на помалите деца, но не и обратно, откривме дека и помалите и постарите деца позитивно придонесуваат за меѓусебна емпатија со текот на времето – објаснува авторот Марк Џамбон.

Претходните истражувања за браќата и сестрите главно се фокусираа на влијанието на постарите браќа и сестри, веројатно затоа што нивното влијание е најочигледно, а во новото истражување истражувачите проучувале повеќе од 450 браќа и сестри на возраст од 18 месеци до четири години.

На почетокот истражувачите го процениле основното ниво на емпатија кај децата така што ги посетувале децата дома, а потоа се преправале дека се повредени или дека кршат скапоцен предмет. Додека истражувачите ја искажувале својата тага и загриженост, тие снимиле како реагираат децата. Осумнаесет месеци подоцна, тие се вратиле во истите домови за да видат како една и пол година од животот со помалите браќа и сестри влијаеле врз децата.

И покрај различните стилови на родителство, демографските карактеристики и квалитетот на односите меѓу браќата и сестрите, тие откриле мали, но статистички значајни зголемувања на емпатијата. Сепак, имало еден интересен исклучок – постарите сестри не покажале повисоки нивоа на емпатија по 18 месеци живот со помал брат. Научниците не се сигурни зошто постарите сестри и помладите браќа се исклучок, а во иднина планираат подетално да ја истражат сложената динамика помеѓу браќата и сестрите и дали различните структури на семејството влијаат врз нивото на емпатија.

Извор



912

X