За само еден викенд приказната на „Биби и Боби во Снешковград“ ги надмина дури и најоптимистичните предвидувања, велат од „Синеплекс“
„Биби и Боби во Снешковград“ е кинопроекција за деца на годината! И тоа домашна, со омилените детски ликови. Рушење рекорди во гледаност, како и во најмногу термини во еден ден. Редици за карти, радости и нетрпеливост, насмевки и потскокнување, мирис на пуканки и среќа се рефлектираат деновиве во „Синеплекс“. И предновогодишната снешкастична магија не застанува овде, туку експанзивно се шири во кината низ цела Македонија.

– За само еден викенд приказната на „Биби и Боби во Снешковград“ ги надмина дури и најоптимистичките предвидувања. Интересот резултира во огромна посета и повеќе од 90 отсто распродадени сали. Најмладите со нетрпение ја чекаа втората приказна. Реакциите се одлични, и тоа е одличен показател дека недостигаат повеќе вакви домашни проекти. Биби и Боби како едукативен проект ги освојува најмладите, а со филмот дополнително придонесува за развој на кинокултурата на овие простори. Филмот ќе биде на репертоар сѐ додека има интерес, а по стартниот викенд веруваме дека ќе биде прикажуван во „Синеплекс“ и за време на распустот – информира Биљана Јанкуловска, маркетинг-менаџер во „Синеплекс“.

Викендов „Биби и Боби во Снешковград“ имаше по 11 проекции на ден, а потоа ќе има по 6 проекции на ден.

Дека е хит настан на годината, и тоа во најтоплата и најеуфоричната сезона, потврдува големиот интерес и од децата и од родителите.

– Големи љубители сме на Биби и Боби уште од самиот почеток. Се сеќавам кога ги најавија кадифените кукли за продажба, ја нарачав за ќерка ми уште во претпродажба. Па бидејќи не можевме да дочекаме да излезе и новиот новогодишен филм, решивме да одиме на премиерата. На премиерата, освен постарата ќерка, ја поведовме и помалата, која има две и пол години и искрено имавме малку страв дали ќе седи мирна додека трае филмот. Но, за наша среќа, не само што седеше мирна, туку не се ни помрдна од место додека не заврши филмот. Си отидовме ептен задоволни и пресреќни и дефинитивно ќе продолжиме да ги обожаваме и да ги поддржуваме и во иднина – ни изјави Јована Малезанска, мајка на две дечиња.

– „Биби и Боби во Снешковград“ ни беше задолжителен настан за посета. Откако лани го изгледавме краткото филмче, едвај чекавме годинава повторно да влезе во кинопрограмата. Син ми со цел фокус го изгледа, уживаше во секој кадар. Не ни забележавме кога помина времето. Филмот е вистинска предновогодишна забава за целото семејство – ни сподели Мила В., мајка на тригодишниот Андреј.

Веќе петта година по ред продукцијата на „Светот на Биби“ ги радува и ги едуцира децата и родителите.

– Секоја содржина што ја креираме е внимателно одбрана да одговара на возраста на децата, како и да има едукативна вредност. А за тоа колку сме навистина интересни, секогаш најдобро кажува нашата публика, а тоа се децата. Со цел уште еднаш да им приредиме незаборавно искуство на нашите најмили, целосно се посветивме на работата на „Биби и Боби во Снешковград“, со кој можеме да се гордееме. Ова е прв краткометражен филм од продукцијата на „Светот на Биби“. Што се однесува до неговата содржина, па тоа е вистинска новогодишна авантура. Неверојатна, возбудлива и како и секогаш – непредвидлива! Биби и Боби патуваат со снешкото Гого кон Снешковград за таму да ја пречекаат Новата година. Но, Снешковград е пуст и тивок. Каде се сите снешковци? Зошто никој не ја прославува Новата година? За да се дознаат одговорите, треба да се гледа оваа возбудлива новогодишна сказна – ни соопшти менаџерката на продукција во „Светот на Биби“, Викторија Енгулу.

Филмот почна да се прикажува во „Синеплекс“ на 10 декември и засега има огромен интерес за него. Од 15 декември ќе почнат проекциите во кината низ цела Македонија.

– Но, тоа што е уште поважно се насмеаните лица на децата кога излегуваат од киносалите, што ни кажува дека нашата мисија била успешна. Како и досега, гласовите ги позајмија реномираните актери Слаѓана Вујошевиќ, Сашко Коцев, Сашка Димитровска и Никола Ристановски. Сценарист на овој филм е најдобрата писателка на литература за деца Билјана С. Црвенковска. Режисери се Никола Чикос, Јосип Здравковски и Димитар Аризанов.
Јосип и Димитар се воедно и аниматори на истоимениот филм, заедно со Кристина Карапеоска, Андреја Стојановски и Иван Геќиќ. Ни еден анимиран филм не би можел да постои без илустраторите кои создаваат магија за детската имагинација, а во овој филм за тоа се погрижија Магдалена Тофиловска, Иванчо Николов, Сара Петковска.
Секој концепт-дизајн за ликовите и заднините мора да добие одобрување од едниот и единствен арт-директор Михајло Димитриевски – Тхе Мичо. Во сите наши видеосодржини имаме и секогаш оригинална музика, за што е заслужен маестро Ангел Ќосев. И за воопшто да постои „Светот на Биби“, брендот кој секојдневно ги збогатува своите содржини и квалитет, заслужни се продуцентите Марјан Алексовски, Стојче Коко Ѓорѓиев и Жарко Стојановски – истакнува Викторија.



912

X