Од наредното полугодие сите 311.000 основци во Хрватска ќе имаат право на еден бесплатен оброк на училиште.

Станува збор за мерка за чија реализација од буџетот ќе бидат издвоени 550 милиони куни (73 милиони евра).

Овој модел е воведен по иницијатива на четири професорки од Правниот факултет во Загреб, кои повеќе од две години предупредуваат за неопходноста сите деца да имаат бесплатен оброк на училиште.

45 отсто од децата во Хрватска не јадат ништо на училиште, а 85 отсто од директорите сметаат дека е неопходно да се воведат бесплатни оброци за сите деца и дека за тоа треба да се погрижи државата, а не месните заедници.

Ова се резултатите од истражувањето претставено од иницијативата „Правото на секое дете на училиштен оброк“ пред точно една година.

Од наредното полугодие сите основци ќе добиваат бесплатен оброк на училиште

Конечно, хрватската Влада одлучи да ги сослуша професорките од Правниот факултет, па од следното полугодие ќе воведе бесплатен оброк во сите основни училишта.

– Забележавме дека има нееднаквости меѓу младите и решивме во договор со експертите да испратиме важна порака до сите родители и до сите ученици. Во буџетот за наредната година Владата ќе планира државата да финансира по еден оброк дневно, во сите основни училишта од прво до осмо одделение, по 10 куни (1,33 евра). Повеќе не сакаме децата во основно училиште да немаат немаат средства за оброк. И тоа ќе го направиме така што во што е можно поголема мера да се јаде хрватска храна. Иницијативата ќе чини 550 милиони куни, но тоа е оброк за 311.000 деца во основните училишта, од кои 80.000 се речиси во сиромаштија. Ова е нашата реалност – изјави премиерот Андреј Пленковиќ.

Тој додаде дека мерката е подготвена и нема да биде во ребаланс сега, туку во буџетот за неколку недели.

– Тоа е и демографска мерка која ќе им овозможи на сите што ги формираат своите личности и нивниот карактер и образование, да почувствуваат дека се дел од истиот тим. Ова е важна порака за нашето општество – изјави Пленковиќ.

Иницијативата на четирите професорки од Правен факултет вроди со плод

Професорките од Правниот факултет: Оља Дружиќ Љуботина, Маријана Клетечки Радовиќ, Антонија Петричушиќ и Ивана Добротиќ, кои се иницијатори на иницијативата „Право на секое дете на училиштен оброк“ го изразија нивното задоволство на нивниот фејсбук-профил.

– Успеавме! Со задоволство ја гледаме одлуката која денеска ја објави Владата на Република Хрватска за воведување бесплатен училиштен оброк за секое дете од прво до осмо одделение во основните училишта. Работиме на нашата иницијатива „Право на секое дете на училиштен оброк“ повеќе од две години и многу сме горди што гледаме дека целиот овој процес даде резултат – напишаа професорите на нивниот фејсбук-профил.

Извор



912

X