Министерството за труд и социјална политика преку Проектот за подобрување на социјалните услуги започна процес за ангажирање консултант за развој на нова формула за финансирање на системот за воспитување и згрижување на децата, ни соопштија од Министерството

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска неодамна даде предлог до советите на општините да се разгледа евентуално покачување на партиципацијата на градинките, со оглед на поскапувањето на храната и енергентите, но да се земат предвид приходите на семејствата, така што тие што имаат поголема плата да плаќаат повисока сметка за градинка. Посочи дека сумата е ниска и непроменета веќе 20 години, а многу работи во меѓувреме се сменија.

Министерството со предлог до општините

Министерството за труд и социјална политика нѐ информираа дека согласно член 191 од Законот за заштита на децата, цените на услугите што ги дава јавната установа за деца од општината и општината во градот Скопје и износот на надоместок на трошоците за престој во јавната установа за деца што паѓа на товар на родителите чии деца ги користат нивните услуги, ги утврдува Советот на основачот (Општината) на предлог на Управниот одбор на Јавната установа за деца. Основа за уплата на родителите е цената на програмата во која е вклучено детето.

– Согласно Правилникот за утврдување на цените и услугите што ги дава јавната установа за деца – детска градинка и износот на надоместокот за трошоците за престој во установа за деца, што паѓа на товар на родителите („Службен весник на РМ“, бр.78/2004), се утврдува месечниот износ на цените на услугите што ги дава јавната установа за деца – детска градинка и износот на надоместокот за трошоците за престој во установа за деца, што паѓа на товар на родителите чии деца ги користат нивните услуги. Јавната установа за деца – детска градинка може да определи и износ понизок или повисок од надоместокот утврден во горенаведениот правилник (1.490,00 денари за програма за целодневен престој), доколку со тој износ ја обезбеди храната на децата по утврдените стандарди и нормативи – изјавуваат од Министерството за труд и социјална политика.

Исто така, во мерките и препораките согласно Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, Владата упатува на рационализација на расходите на Министерството за труд и социјална политика преку преземање активности за оптимално искористување на капацитетите за згрижување на деца и разгледување на можноста за зголемување на надоместокот за престој на деца во зависност од социјалната состојба на родителите и висината на приходите во семејството.

– Со цел да се обезбеди одржливост во проширувањето на капацитетите за згрижување и воспитување на децата, како и подобрување на квалитетот на услугите што децата ги добиваат во градинките, Министерството за труд и социјална политика преку Проектот за подобрување на социјалните услуги започна процес за ангажирање консултант за развој на нова формула за финансирање на системот за воспитување и згрижување на децата. Целта на оваа формула е да обезбеди транспарентен и поправичен начин на распределба на ресурсите, што ќе доведе до зголемување на можностите за вклучување на што поголем број деца во системот за воспитување и згрижување на децата давајќи посебен осврт кон децата кои потекнуваат од семејства кои се во социјален ризик. Останува секоја од општините да ја разгледа можноста и донесе одлука на Совет на Општината за промена на цената на чинење за престој во установа за деца – истакнуваат од Министерството.

Општина Битола нема да ја зголеми партиципацијата

Формирањето на цената, сепак, е одлука на советот на општините и во следниот период секоја ќе ги разгледа можностите и опциите поврзани со партиципацијата на градинките. Па оттука, Општина Битола категорично изјавува дека нема намера во ова кризно време да удри по џебот на родителите.

– Имајќи ја предвид енергетската и економската криза во која се наоѓаме, воопшто не е оправдано да се зборува за зголемување на цените за згрижување на децата во детските градинки. Навистина, цените се многу години непроменети, но во моментот се адекватни на можностите на граѓаните. Секое покачување значи дополнително оптоварување на буџетот на семејствата чии деца посетуваат детска градинка. Од друга страна, како и повеќето градови, и Битола сѐ уште се соочува со недоволен капацитет во детските градинки, што претставува дополнителен проблем, за чие решавање локалната самоуправа се залага во делот на својата надлежност и очекува добра соработка од Министерството за труд и социјална политика, во интерес на најмладите. Значи, решавањето на постојните проблеми во овој момент никако не смее да поаѓа од зголемување на цените, а вниманието и работата треба да се насочени кон подобрување на условите, зголемување на енергетската ефикасност на објектите и проширување на капацитетите, што долгорочно ќе даде многу поголеми резултати отколку таканаречениот „удар врз џебот на граѓаните/родителите“ – изјавуваат од Општина Битола.



912

X