Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 33 години и мајка сум на 2 девојчиња (6 години и 1 година). Откако се роди помалата, постарата ќерка почна да станува агресивна, непослушна и да употребува навредливи зборови. Почна и со луѓе кои не се дел од семејството да се однесува слободно, додека претходно беше учтива. Постојано плаче за најмали ситници, а понекогаш и без причина. Со сестра ѝ добро се однесува и заштитнички, па мислам дека не станува збор за љубомора. Што да преземам?

ОДГОВОР: Пишувате дека вашата ќерка не покажува љубомора кон сестричката, дури и дека е позитивно наклонета кон неа. Со доаѓањето на нов член во семејството може да се појават тешкотии во приспособувањето на новата состојба и динамиката на сите членови.

Вашата ќерка како првородено дете растела опкружена со цело внимание од сите блиски и подалечни познати луѓе. Со доаѓањето на сестричката вниманието и присутноста на двајцата родители е поделена и со помал интензитет од тој на кој била претходно навикната. Понекогаш и со најдобрите подготовки не може да се постигне да се помине без проблеми.

Вашата ќерка има само 6 години и бара големо внимание и присутност од мама и тато, но секако и од другите роднини кои се во вашето опкружување. Не очекувајте дека вашата шестгодишна ќерка е поголема и треба да биде посамостојна од претходно само затоа што е постара сестра, бидејќи ќе се случи спротивното. Почнете да ја пофалувате и охрабрувате за однесувањата кои ви се допаѓаат и се добри за неа. Тие однесувања кои не се добри за почеток би можеле да ги игнорирате или да разговарате во време кое ќе го одредите само за вас како мајка-ќерка.

Немојте да бидете престроги ниту кон себеси ниту кон вашата ќерка. Направете атмосфера во која ќе ги намалите стресовите што ги има во секојдневието, кое е променето во последната година со доаѓањето на бебето. Вооружете се со трпение, поддршка од другите членови од фамилијата, роднините и пријателите. Дајте им улога да помогнат со вашата шестгодишна ќерка бидејќи природно изминатата година на бебето му требало поголемо внимание од вас. Направете мигови во кои сите заедно ќе уживате и ќе бидете среќни со вашето проширено семејство.
Доколку и понатаму вашата ќерка има тешкотии во приспособувањето со околината, обратете се за помош кај стручни лица.

Одговара: Наташа Маџевска, гешталт психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X