Повеќето од нас не знаат да читаат додека не наполнат 6 години, но иако ретко, отсекогаш имало гении меѓу нас.

Кога Калеб Андерсон почнал да чита книги на само 6 месеци, неговите родители сфатиле дека е чудо од дете. На 12-годишна возраст Калеб се запишал на Техничкиот колеџ „Чатахоче“ и има предмети како историја на САД и макроекономија. Тој сонува да стане вселенски инженер.

– Фасциниран сум што има друг свет надвор од нашиот. Постои и друго место, подобро место. Има херои кои одат и летаат со ракети до вселената. Но, воздушните инженери го имаат животот на астронаутите во нивните раце. И навистина мислам дека е интересно и неверојатно тоа што го прават – вели Калеб.

Мајката на Калеб, Клер, вели дека нејзиниот син уште од првиот месец се обидувал да имитира говор. До 9 месеци тој знаел над 250 збора од американскиот знаковен јазик и читал зборови што никогаш претходно не ги видел. Веќе на две години знаел да решава дропки. На 3 години се квалификувал за „Менса“ и го поминал првото одделение. Исто така, на 3 години знаел да зборува шпански, француски и мандарински.

Клер и нејзиниот сопруг Коби се двоумеле дали да му дозволат да го прескокне средното образование затоа што се грижеле за социјалните вештини на нивниот син.

На 9 години Калеб се запишал во седмо одделение.

– Ме гледаа со презир затоа што бев помлад од нив. И не само тоа, наставната програма ми беше досадна затоа што учам навистина брзо. Еден ден мајка ми дојде и ме праша: „Дали си среќен овде?“ на што ѝ реков дека ми е многу досадно и воопшто не ме предизвикува – раскажува Калеб.

Иако неговите родители не можат да му помогнат со тоа што го учи на факултет, тие се фокусираат да го научат на сочувство, љубезност и наоѓање на доброто кај другите. На прашањето каков совет би им дале на другите родители, родителите на Калеб велат:

– Воспитајте го и одгледајте го детето што го имате, а не детето што сакате да го имате. Мора да го негувате она што ви го дава природата – велат тие.

Извор



912

X