Американската академија за педијатрија (ААП) издаде нови упатства за доење според кои мајките треба да ги дојат своите деца 2 години или подолго. Здружението на педијатри од САД, исто така, нагласи дека се потребни „социјални и системски промени“ за поддршка на мајките што дојат за успешно водење на процесот.

Ажурираните препораки на ААП за мајките што дојат, објавени во изданието на „Педијатрија“ за јули 2022 година, вклучуваат совети за ексклузивно доење во првите шест месеци од животот на детето, додека доењето треба да се продолжи во комбинација со храна богата со хранливи материи повеќе од шест месеци. ААП вклучува и препорака за лекарите да ги поддржуваат и охрабруваат мајките да дојат до 2-годишна возраст.

Важноста на мајчиното млеко

– Мајчиното млеко е уникатно по својот нутритивен состав и заштитните ефекти, и навистина е неверојатно кога ќе сфатите што прави тоа за имунолошкиот систем на детето во развој – истакна педијатарот Џоан Мик, која е и главен автор на извештајот. Таа додала дека не секоја жена може да дои или да продолжи да дои онолку долго колку што сака поради различни причини, вклучително и ограничувања наметнати од работните обврски.

– Семејствата заслужуваат поддршка, информации и помош без осудување за да ги водат во хранењето на своето бебе – рекла таа.

Некои ја нападнаа ААП поради овие упатства

Додека од ААП нагласиле дека на мајките што дојат им е потребна поддршка за да продолжат со доењето до вториот роденден на нивното дете, вклучително и придобивки како продолжено породилно отсуство, грижа за децата на работното место и соби за доење во канцелариите, многу родители на социјалните мрежи веруваат дека се работи за лош тајминг. Имено, родителите во Америка постојано се борат со недостиг на вештачко млеко за бебиња и се револтирани од неодамнешната одлука на Врховниот суд за забрана на абортусот, поради што сметаат дека овој тип упатства уште повеќе ги оптоваруваат мајките.

– Дали го доев моето бебе 2 години или подолго? Не. Дали бев подготвена да го дојам моето бебе 2 години или подолго? Исто така не. Дали мислам дека грижливите мајки треба да дојат 2 години или подолго, бидејќи тоа е најдобро за бебето? Исто така не, воопшто. Овој совет од ААП нема смисла – напишала една мајка на „Твитер“ за новата препорака.

Друг корисник на „Твитер“ ја нарекол препораката иронична со оглед на краткото родителско отсуство во САД.

– Федералниот закон предвидува само 12 недели платено породилно отсуство. Американската академија за педијатрија препорачува најмалку 6 месеци доење. Повеќето работни места не се погодни за доење. Имаме недостиг на адаптирано млеко за доенчиња на национално ниво. Како ќе ги нахраниме овие деца – се вели во објавата.

Иако оваа тема е повеќе за семејства со бебиња во Америка, се поставува прашањето дали некоја мајка може да дои бебе толку долго и дали сака. Многу мајки истакнуваат дека е многу тешко да се вратите на работа и да го балансирате доењето. Во повеќето земји нема системска поддршка за мајките да продолжат да ги дојат своите бебиња.

Автор: Сандра Крстановиќ

Извор



912

X