Самоконтролата е вештина која им овозможува на децата да управуваат со своите емоции, импулси и движења.

Со текот на развојот децата треба да се оспособат да управуваат со своите мисли, постапки и чувства, но за да го направат тоа, потребна им е самоконтрола – вештина што им овозможува да се сопрат и да размислат пред да дејствуваат. Самоконтролата е дел од групата на вештини кои спаѓаат во групата извршни функции.

Постојат три типа самоконтрола:

– контрола на импулсот,

– емоционална контрола и

– контрола на движењето.

btf

Контрола на импулси

Контролата на импулсите е способност да можеш да застанеш и да размислиш пред да дејствуваш. Контролата на импулсите им овозможува на децата да размислат за последиците пред да се втурнат во нешто како, на пример, да истрчаат на улица без да погледнат на сите страни. Дете со самоконтрола може да паузира, да замисли што може да се случи, да си помисли дека може да има некаква непријатност или да се повреди, па да направи поинаков избор.

Децата што ја немаат овој вид самоконтрола често не размислуваат пред да постапат и оставаат впечаток на непредвидливо однесување. Дејствуваат брзо, зборуваат премногу или зборуваат со префрлање од тема во тема, влегуваат и го прекинуваат разговорот, нетрпеливи се.

Емоционална самоконтрола

Емоционалната самоконтрола е способност за управување со чувствата и дел од емоционалниот развој на едно дете. Детето што нема емоционална самоконтрола реагира бурно, со долготрајност на емоциите што ги доживеало. Лесно се фрустрира и се откажува кога работите не му одат како што треба, тешко прифаќа критика и бавно се смирува. Има многу големи или гласни реакции кога е вознемирено, возбудено или среќно.

Контрола на движење

Контрола на движење е способност да се управува како и кога се движи нашето тело. Овој тип самоконтрола им помага на децата да седат мирни кога тоа е потребно, на пример, кога пишуваат домашна или работат на час. Контролата на движењето му помага на детето полесно да го прави она што се бара од него. Иако децата се полни со енергија и тоа ги поттикнува на поголема телесна активност, контролата на движењето на сопственото тело се регулира со текот на развојот и оддава впечаток на смиреност и самодисциплина.



912

X