Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Син ми има 3 години и подолг период, поради работни обврски на мојот сопруг, го одгледувам сама. Кога сме дома и сами, тој е нормално дете, јаде оброци, лесно ги извршуваме хигиенските навики итн. Штом излеземе надвор, тој е друга личност и неговите играчки не ги дава, а и туѓите се негови, толку е дрзок што успева сѐ да им одземе дури и на поголеми деца. Штом некој му се спротивстави, има напади на бес, главно е многу плачлив и борбен. Не знам како да се справам, се обидував да му објаснам, но не ме слуша, се обидував да го заплашам со нешто, но не успева. Некогаш ќе го подудрам, а и тој почнува да мава или ме гребе. Не знам што да направам за да има ефект затоа што буквално секоја ситуација е иста.

ОДГОВОР: Драга мајка, она што е повеќе од разбирливо е дека домот за секого, па и за децата е едно прибежиште, сигурност, безбедност и комфорна зона во чии рамки детето е најслободно. Децата во домот освен што се најслободни и најигриви, полесно се приспособуваат кон семејното функционирање и извршување на семејните и лични активности доколку на адекватен начин им го овозможиме тоа. Очигледно и за вашето дете домот е најсигурното и најбезбедното место на живеење. Но како и секогаш, кога детето го напушта тоа место, тогаш функционирањето станува потешко бидејќи детето ќе се соочи со разни социјални случки во кои ќе треба да компромитира, учи, споделува или не споделува, а сето тоа ќе му предизвикува емоции кои адекватно ќе треба да ги канализира.

Она што сега е и повеќе од важно е вие да ѕирнете во заднината на таквите чувства. Кога детето е прераздразливо и често има ист тип на емоционални реакции, треба да откриеме што ги предизвикува. Не плашете се да го сторите тоа, впрочем, изнаоѓањето на причината за однесувањето е половина од решението на проблемот. Како што и самата споменавте, вашиот сопруг е подолго време отсутен од домот иако не прецизиравте колку. Неговата отсутност кај детето ќе предизвика негативни емоции со кои тоа не може да се справи. И својствено е во вакви околности да биде така. Обидете се да почувствувате како тој се чувствува целиот овој период.

Колку и кои од неговите потреби не се задоволени и го прават лесно да се фрустрира. Ве советувам да земете детска литература и сликовници кои ја обработуваат темата семејство, има такви што го обработуваат односот татко-син. Читајте, разговарајте во врска со тоа. Играјте улоги кои ќе ги одберете од нив. Снимете видео во кое тој нешто му посветува на својот татко и пратете му го. Навечер, пред спиење, разгледувајте семеен албум со слики. Раскажувајте што сѐ гледате на нив. Бидете креативни во изнаоѓање на секоја идеја да му помогнете емоционално да се растовари од она што му пречи.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X