Воспитување

Првото капење на бебето се памети

Во тие неколку дена во породилиштето сите се обидуваат да ви објаснат сѐ.
Научивте како да го завиткате бебето, како да го облечете, како да го исчистите пределот каде што е пелената, како да го негувате папокот додека не падне… И првото капење на бебето?

Не ви го покажале она од кое малку се плашите – како да го капете тоа мало кревко суштество. А тоа е така токму поради остатоците од папочната врвца која не треба да се навлажни. Ќе почекате, велат, да падне папокот, или остатокот од папочната врвца, па дури потоа целосно да го искапете бебето. Но, кој ќе ви го покаже тоа тогаш – се прашувате.

Храброст

Иако капењето на бебето не е некоја голема мудрост, сепак, сфаќате дека е потребна храброст и водство за тој прв пат. Ако немате некој кој може да дојде и да ви покаже што треба да правите, секогаш можете да поканите патронажна сестра. Нејзината сигурна рака ќе ви влее доверба, па полесно и побрзо ќе сфатите како треба сами да го направите тоа. Како ќе се одвиваат работите на крајот, многу зависи од вашето бебе. Имено, некои бебиња едноставно сакаат вода и со нетрпение очекуваат да се потопат во течност слична на онаа во која лебделе во изминатите девет месеци, ја обожаваат нејзината топлина, мекост. А некои не. Некои од тој процес ќе направат мал кошмар уште при првото капење и ќе ве исцрпат. Знаеме какви се бебињата кога нешто не им се допаѓа – се борат со рацете и нозете да не им го правите тоа. А тоа значи заборавање на мирното, идилично, совршено прво капење.

Додатоци за капење за бебиња

Но, дури и таквото капење ќе биде смешен и драг спомен некогаш. Па така, освен кадата, крпите и сличните други потребни работи, никогаш не смеете да заборавите – на камерата! Овие фотографии ќе ви предизвикаат насмевка на лицето подоцна. А се разбира дека со другите деца ќе ви биде полесно! Веќе ќе жонглирате со третото дете, а со четвртото… дали четвртото мора да се бања? Шега, се разбира. Кога го капите првите неколку месеци, добра опција е да земете и додаток за во када на кој можете да го ставите бебето, така што водата ќе ги покрие нозете и задникот на бебето, можеби до половината, а главата ќе биде безбедна и вашите рацете ќе бидат слободни. А ќе ви требаат одврзани раце.

А каде е тато?

Секогаш е добра идеја таткото да има слободна рака. Можеби ќе ви притреба нешто, а не смеете да го оставите вашето бебе без надзор. Затоа е подобро двајцата да бидете присутни. Подоцна, кога ќе се навикнете на тоа и ќе знаете точно што ви треба и каде, ќе можете да го бањате детето самите. Освен тоа, не треба ли и таткото да го доживее тоа чудесно прво капење? Дури и тогаш (или токму тогаш) кога владее целосен хаос и сѐ е наопаку! И не заборавајте уште нешто – некој треба да има суви раце (и стапала) за да ги овековечи тие посебни моменти.

Пред да се впуштите во авантурата на првото капење, имајте на ум – првото капење треба да го искористите само за да го запознаете бебето со водата, да се запознаете вие со бебето и процесот на капење, да согледате дали вашето бебе сака вода или не… А патем, секако, измијте го бебето кога веќе имате вода во рацете.

Извор

Поврзани написи

To top