Воспитување

Разбирање и поддршка – најважни за постарите родители

Ретко кој родител што се грижи за среќата на своите деца сака да им биде товар во подоцнежните години, но постојат начини на кои може да останат независни и среќни. Влегувајќи во нова фаза од животот, кога имаат сѐ помалку енергија, вашите родители може да почувствуваат стрес при помислата дека се зависни од вас. Вие треба да ги убедите дека не се пречка за вашиот живот.

Воспоставете рутина

За да ја олесните оваа транзиција за сите, воспоставете рутина во дневните или неделните заеднички активности. Кажете им на вашите родители дека, на пример, ќе уживаат во пиењето кафе со вас и во пријатен разговор секој понеделник или да ве пречекаат во петок со список со она што им треба од продавницата. Дајте им до знаење дека можат да сметаат на вас, ќе се чувствуваат побезбедно и ќе имаат на што да се радуваат.

Погрижете се нивниот дом да биде безбеден

Постарите луѓе претпочитаат да останат во своите домови наместо да одат во институции кои се грижат за стари лица. Домот е дом и нормално е таму да се чувствуваат најудобно. Ваше е да им помогнете така што ќе се грижите за безбедноста на домот. Имено, според некои истражувања, падовите се водечка причина за повреди кај луѓето постари од 65 години, а во огромно мнозинство од случаите се работи за фрактура на колкот. Важно е да бидете сигурни дека сè во нивниот дом е обезбедено од падови. Можеби ќе треба да ставите дополнителна ограда некаде, да ја замените кадата со туш-кабина за полесно да влезат и да се мијат, да ги замените плочките на терасата со такви што не се лизгаат итн.

Охрабрете ги да се занимаваат со хоби

Постојат многу групи во кои постарите луѓе наоѓаат среќа и задоволство во друштво на своите врсници. Тоа може да бидат организирани екскурзии, изработка на ракотворби, прошетки во природа, лесни вежби… Помогнете им на вашите родители така што ќе најдете интересни активности на интернет во близина на нивниот дом и поттикнете ги да се вклучат во нив. Тоа ќе ги исполни со среќа и задоволство. Имено, најлошо е кога човек ќе се затвори дома и на некој начин само го чека денот кога ќе го напушти овој свет. И постарите луѓе можат да уживаат во годините што претстојат. Можеби нема да бидат многу, но можат да бидат исполнети со смеа.

Извор

Поврзани написи

To top