Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на 3-годишно дете и реално не можам да се справам со него. Ова се случува во последните два месеца. Претходно можам да кажам дека имав послушно дете. Станува збор за темпераментно и хиперактивно дете. Моментално моето дете чувствува одбивност спрема мене, не дозволува да го допрам, ниту да го нахранам, ниту да го пресоблечам. Сето ова се случува откако ќе се симне кај баба му и ќе поигра час или два. Вели: „Баба ќе ме нахрани, не те сакам тебе!“ Бега од дома и оди кај баба му, а оттаму мораме со врескање и пискање да го извадиме. Реално никогаш не сум применила тепање, а го карам ретко, речиси никогаш. Не знам дали има влијание тоа што почна да оди во градинка пред 3 недели, а исто така имаме проблем и со столицата, не сака да кака и свесно кажува дека не сака. Речиси 3 години бев постојано со него, без воопшто да се одделам. Постојано игравме разни игри и додека играше со другарчиња, ме бараше да бидам во негова близина. Сето тоа се смени, а не ја знам причината, ве молам за совет, не знам како да дејствувам.

ОДГОВОР: Природно е во првата и во втората година децата да се поповрзани со родителите. Тоа што вие сте биле поприсутни во неговиот развој придонело за вашата поголема поврзаност. Поголемиот дел од тригодишните деца сакаат да си играат со своите врсници. Во заедничките игри децата сакаат меѓусебно да разговараат за играта и веќе почнуваат доброволно да ги делат играчките. Може понекогаш да се појави лутина во играта и напад заради играчка, но тоа е нормално.

Тргнувањето во градинка верувам дека на вашето дете му го овозможило искуството на играње со другите деца и секако радоста што ја носи дружењето.

Чувството на одбивност што го доживувате можеби треба да го погледнете малку поинаку. Вашето дете расте и стекнува социјални вештини за комуникација со другите околу себе. Тоа не значи дека не ве сака и одбива, туку дека е љубопитно и сака да види што му нуди околината. Помогнете му на вашето дете да воспоставува и да изгради односи со другите. Тоа ќе му помогне да изгради здрав развој и кон себеси. Дозволувајќи му баба му да го храни и пресоблекува, му помагате да гради доверба во себе и во другите. Му покажувате дека верувате во него, а потоа тој ќе ви ја возврати довербата. Вашето дете расте и ги менува интересите. Бидете му поддршка, бидете присутни за неговите интереси, промени и различности.

Проверете со педијатар дали отпорот за одење во тоалет е органски. Можеби има болки и го одложува одењето во тоалет.

Одговара: Наташа Маџевска, гешталт психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X