Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам 3-годишна ќерка која оди во градинка и таму седи во клупа со момче со кое се дружи и неизмерно го сака. Проблемот е што очигледно премногу има впиено од неговото однесување, па дури и игра само т.н. машки игри. Не сака да игра со кукли, туку само со Бетмен, Спајдермен, Хулк и кога ќе ѝ кажеш дека е девојче, упорно вели дека не е девојче, туку женско, или ќе каже: „Јас и тато сме Boys“. Не сака да носи фустани, ни да ѝ врзам опавче, а кога ќе ѝ кажам дека е девојче и дека кога ќе порасне ќе треба да се шминка, таа вели дека не сака да се шминка. Нејзиното однесување премногу ме загрижува, некогаш гледам да ѝ попуштам или да ѝ објаснам дека e девојче и дека девојче и женско е едно исто, но таа упорно го негира тоа. На пример, кога го гледаме „Снежното кралство“, ако ѝ речам ајде да кажеме кој лик сме, таа ќе рече јас сум Олаф, или од цртаниот со Мики Маус таа го одбира Мики, односно секогаш го одбира машкиот лик.
Ве молам за совет како да се однесувам бидејќи премногу сум загрижена.
ОДГОВОР: Од вашето прашање имам чувство дека вашето девојче е весело, многу активно, полно со енергија. На нејзина возраста децата сакаат да рекреираат секојдневни ситуации и да играат што било, но сепак да играат. За нив најважна е играта, но истовремено многу внимание обрнуваат на своите врсници. Некои деца со задоволство поминуваат време со еден најдобар пријател, други пак имаат многу другарчиња. Сѐ додека пријателите имаат позитивно влијание еден врз друг, би требало да се држете настрана.
Така што ако вашето девојче игра „машки ликови“, не придавајте му толку големо внимание на тоа, туку играјте со неа. Во текот на играта се случува улогите да се менуваат, па така по некое време од играње „машки лик“ таа ќе менува и ќе игра некој друг, како кутре, снешко, маче, учителка, готвач итн. Во оваа фаза се создава симболична игра и обично повеќе се играат ликови од цртаните бидејќи тие на детето му се најомилени. Децата на возраст од 3 или 4 години учат преку игра да создаваат секакви ситуации и сосема е нормално и покрај грижата што ја предизвикува кај вас, да се приклонува кон игрите или облеката за момчиња. Играњето или желбата да правиме „работи од другиот пол“ е нешто за што не треба да се грижиме бидејќи тоа е дел од нормалниот развој и љубопитноста, желбата да дознаеме, експериментираме и истражуваме.
Негувајте ја нејзината имагинација и креативноста без ограничување, да има повеќе можности, да создава ситуации од секаков вид, дозволете ѝ да експериментира со секакви игри и играчки. Преку играта децата учат, ги развиваат својата интелигенција и социјалните вештини.
Родовиот идентитет, односно препознавањето дека сте момче или девојче, се дефинира помеѓу 18 и 36 месеци, овој процес на идентификација се одвива до 7-8 години, кога се случува она што го нарекуваме зачувување на идентитетот.
Ве разбирам дека веројатно вашите очекувања се поинакви што се однесува до игрите, но не мора да инсистирате толку на делењето што за кого е, потрудете се да ја охрабрувате да прави нови другарства, да игра со други деца, да се дружи. Од друга страна, може да се разберат интеракцијата и пријателствата преку читање, односно приказни кои зборуваат за пријателство.
Во меѓувреме, почнете да барате креативни начини да ја приближите вашата ќерка до себе и не обидувајте се да ја присилувате да се поврзете со неа само преку „работи што се само за девојки“. Во нејзината игра се вклучени многу херои, можете да ја гледате и „ Мулан“, „Мерида“ итн. Доколку имате потреба да поразговарате, имате повеќе прашања и ви е потребна помош во врска со развојот на вашето дете, можете да закажете разговор или родителско советување во форма на опширен пишан одговор или пак онлајн средба на sovetuvanje@gmail.com
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912