Денталните интервенции, доколку е можно, најдобро е да се остават за по породувањето, меѓутоа, не значи дека не може да се интервенира и во текот на бременоста, ако е потребно
Грижата за оралната хигиена во текот на бременоста е императив за мајката бидејќи нејзиното орално здравје може да има влијание врз здравјето на детето. Хормоналниот дисбаланс (промените на естрогените и хормонот прогестерон) во метаболизмот доведува до зголемен ризик за воспаление на гингивата, крвавење, пародонтални заболувања, кавитации и нивни компликации (пулпити, пародонтити), како и до зголемена чувствителност на забите. Поради тоа, превенцијата и санацијата се неизбежни.
Денталните интервенции, доколку е можно, најдобро е да се остават за по породувањето, меѓутоа, не значи дека не може да се интервенира и во текот на бременоста ако тоа е потребно. Најдобро е да се избегнуваат во текот на првиот триместар. Најидеален период за стоматолошки интервенции е почетокот на вториот триместар во период помеѓу 14. и 20. недела од бременоста.
Дентални интервенции
Денталните интервенции, како полнења, ендодонции и екстракции, треба да се извршат навреме за да се намалат шансите за инфекции и нивно ширење. Треба да се избегнуваат полнења со амалгами поради тоа што во нивниот состав имаат жива, а доколку мајката има такви пломби, во тој случај не е пожелно да се менуваат бидејќи при вадење на амалгамот се ослободуваат живини честички. Иако живата е токсична, присуството на жива во состав на амалгамот е многу мало и досега не е регистриран случај на труење или други компликации во текот на бременоста и воопшто. Сепак, пожелно е да се избегнуваат особено во периодот на бременост. Стоматолошките интервенции од типот на протетски конструкции и естетска козметика на забите, како и белеењето на забите, најдобро е се избегнат и да се одложат за по породувањето.
Медикаменти
Во текот на екстракции, односно вадење на забите и болните дентални интервенции, мајката треба да биде смирена, а интервенцијата безболна.
Употребата на анестетици не е контраиндицирана во бременоста, освен во првиот триместар, и не треба да се користат анестетици кои содржат „фелипресин“, кој во денешно време ретко се користи.
По екстракции или поради инфекции често се препишуваат антибиотици и аналгетици во зависност од стоматолошката дијагноза.
Рендген-снимки
Рутинските рендген-снимки се контариндицирани во текот на бременоста (особено во прв триместар) и ако не е неопходно, најдобро е се остават за по породувањето. Доколку е неопходно снимање, добро е да се знае дека денешните модерни дигитални рендген-апарати се многу побезбедни од стандардните, но заради превенција, мајката во текот на снимањето треба да носи оловна престилка, каиш или штитник за врат.
Флуоридни препарати и ортодонтски апарати
Локалната и генерализирана флуоризација е можна под надлежност на доктор, но треба да се внимава бидејќи претераната флуоризација може да доведе до флуороза (бели, жолти, кафеави дамки на забите). Водата што ја пиеме и пастите за заби содржат оптимална количина на флуор, што значи дека дополнително внесување ретко кога е потребно.
Ортодонтските апарати можат да се носат и не претставуваат никаков ризик за мајката, освен што го отежнуваат одржувањето на оралната хигиена и го зголемуваат ризикот за појава на воспаление на гингива и кавитети.
912