Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: До пред два месеца мојот 2-годишен син беше навистина мирно и разбрано дете. Не чепкаше ништо што не е за играње, си играше цело време и сам (можеше цел ден да си игра сам, со нас и со други деца). Потоа се разболи. По оздравувањето како да имав друго дете дома. Мислев дека е период пoради тоа што бил болен, но не е. Прво почна со напади на бес, односно ако нешто не беше како тој што замислил, почнуваше хистерично да плаче и да се влече по под. Му најдов чаре како побрзо да му минува веќе две недели не се повтори тоа. Но сега се појави друг проблем. Не дава ниту една играчка на други деца. Сака да си игра со секое дете, дури и со тоа што првпат го гледа, меѓутоа, кога некое дете ќе допре некоја играчка, макар и да не е играчката на син ми, тој почнува да плаче и веднаш му ја зема играчката, па ако треба, и ќе го турне детето, но мора да ја земе.

Најпрво почна да го прави тоа само за работи со кои тој во моментот е заигран, а сега буквално за сè. Се радува на деца, меѓутоа, ме загрижува тоа што го прави, не сакам ниту моето ниту друго дете да биде повредено. Уште потешко ми е дека син ми сè уште не зборува за да може да каже што сака и зошто го прави тоа. Кажува само по неколку збора.
Не знам која би можела да биде причината за ваквото однесување. Дали тоа што е сам, дали затоа што немал многу контакт со други деца (живееме во странство и за жал детето не е опкружено цело време со деца) или затоа што разбира дека наскоро ќе добие сестра, или пак е сосема нормална појава. Која и да е причината јас навистина не знам како да постапам. Имам пробано неколку начини но од ниту еден не гледам резултат.

ОДГОВОР: Околу втората година децата почнуваат поизразено да влегуваат во негација-период. Тие почнуваат да кажуваат „не“, ,да ја искажуваат лутината и се бунат во различни ситуации. Кај вас се поклопило тоа однесување со неговото разболување и очекувањето нов член во семејството.

Во овој период тоа едноставно развојно ги открива своите желби и потреби, го насочува однесувањето кон нив и се фрустрира ако не успее во своите намери. Вашето дете го покажува тоа со плачење при земена играчка. Во овој период кај него ќе се развива и срамот и можеби ќе покажува тешкотии во комуникацијата со непознати лица. Додека вината и зависта се развиваат околу третата година.

Детските емоции стануваат сè посложени и децата се менуваат. Во исто време детето може да биде и луто и среќно и тоа е многу важен развоен период. Вашето дете треба да го поддржите, да зборувате за неговите чувства, што сака во тој момент и да му дозволувате да ги искажува емоциите отворено и спонтано. Ова ќе ви овозможи полесно да го препознаете неговиот емотивен свет и е предизвик за вас како да реагирате и да го следите.

Кажете му дека го разбирате и можеби и вие би биле лути или тажни ако сте на негово место. Сигурно дека поддршката што ќе ја добие од вас ќе го збуни, но вие ќе бидете добар пример дека сте присутни за него. Вашиот модел ќе ја поттикне социјалната компетентност кај него и тоа полека ќе развива грижа за другиот, нежност, топлина, разбирање и ќе се негуваат јасните граници. Вака вашето дете ќе учи да ги доживува секојдневните случувања помалку стресно, а му покажувате дека проблемите се привремени и решливи.

Со доаѓањето на новиот член во семејството вашето дете не пораснува одма, и тоа бара внимание и игра. Можете да му го олесните приспособувањето со тоа што ќе бидете трпеливи, ќе го разбирате начинот на кој вашето дете ја доживува вистинитоста и околината околу себе и ќе им давате важност на неговите чувства поврзани со доаѓањето на новиот член на семејството. Не бидете престроги кон вашето дете, себеси и кон другите деца. Направете сè што можете за да го намалите стресот за промените што ќе следуваат, вооружете се со трпение и поддршка од пријателите и блиските околу вас и уживајте во доаѓањето на новиот член. Заедно читајте сликовници и барајте од него да повторува зборчиња од сликовницата.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X