Образовните асистенти се едни од клучните чинители во спроведување на инклузивноста, смета Стојчевска, која членува во здружението „Сина светулка“, кое работи на унапредување на квалитетот на живот на лицата со аутизам, а е вработена во средното училиште ДСУ – РЦСОО „Киро Бурназ“ од Куманово
Тоталната инклузија е процес кој доаѓа откако ќе се постигне одредено ниво на општествена зрелост, а ние како средина во која некаде нема ниту основни средства за хигиена во училиштата, тешко можеме да зборуваме дека сме ја достигнале и по четири месеци откако таа се воведе во образовниот процес.
Анита Стојчевска, специјален едукатор и рехабилитатор и магистер по малолетничка деликвенција, работи активно во проектите за инклузија на лицата со посебни потреби, особено во областа на унапредување на квалитетот на животот на лицата со нарушувања од спектарот на аутизмот. Таа смета дека почнавме да се движиме во некој правец и не тапкаме в место, но дека за целосна инклузија ни недостигаат уште многу работи:
– Многу работи треба да се сменат за да кажеме дека спроведуваме тотална инклузија. Често го давам примерот дека една куќа се гради од цврсти темели за да биде функционален дом, а не се гради од покривот. За целосна инклузија имаме некои основни работи, но уште многу ни недостига. Се движиме во некој правец, не тапкаме в место, но треба да поминат многу години за да го видиме влијанието од овие образовни политики кои почнаа да се имплементираат годинава.
Стојчевска членува во здружението „Сина светулка“, кое работи на унапредување на квалитетот на живот на лицата со аутизам, а е вработена во средното училиште ДСУ – РЦСОО „Киро Бурназ“ од Куманово во последните три години.
Во едно од едукативните видеа што ги подготви, Анита Стојчевска ги потенцира образовните асистенти како едни од клучните чинители во спроведување на инклузивноста.
– Целосно ја поздравувам иницијативата за вработување на образовните асистенти во редовен работен однос и издигнување на нивната улога на повисоко ниво од постојното. Наставниците се свесни за потребата од нив и стануваат добри соработници. Среќна сум за тоа бидејќи се менува свеста за нивната улога и значење. Сепак, уште многу треба да се работи на ова подрачје за сите засегнати страни, не само асистентите, да земат удел и поголем ангажман, најмногу заради нашите ученици со поинакви потреби од невротипичната популација на ученици – вели Стојчевска.
Бидејќи живееме во општество кое тешко ги прифаќа промените, потребна е сензибилизација во средината, потребно е граѓаните да сфатат дека сите можат да ги прифатат учениците со посебни потреби и да почнат да градат добар човечки однос со нив како што тоа го прават нивните соученици.
– Проблемот лежи во тоа што родителите не се доволно информирани дека тоа се деца кои сакаат да се дружат. Оние ученици што немаат проблем со тоа и ги прифаќаат, но не знаат како да се постават, се ставаат во улога на заштитници. Кај децата има развиена емпатија. И децата со посебни потреби се привикнуваат затоа што имале контакти и биле социјализирани со други ученици додека биле во основно образование.
За разлика од учениците, родителите се чини имаат поголем скептицизам за процесот на инклузивност. Родителите треба да бидат убаво информирани дека тоа е прифатливо секаде во светот, дека децата со аутистичен спектар треба да бидат интегрирани во редовната училишна средина, почнувајќи од претшколска возраст, раскажа специјалниот едукатор од Куманово.
Благодарение на споделувањето на нивните искуства и на тоа што и самите родители на деца со аутизам зборуваат јавно, чувството на емпатија во општеството е на повисоко ниво.
– Имаме позитивни примери, родители на невротипични деца кои сè повеќе се вклучени во овие организации. Во градинките имаме инклудирани деца, но проблем е што градинките се преполни. Кога одделението е помало, наставникот може да му се посвети повеќе на секое дете, па и на тоа дете со посебни потреби – истакна таа.
Проблемот со малолетничката деликвенција зема поголем замав во општеството, а 2021 година ќе ја паметиме по многубројните тепачки меѓу деца кои не влегле ниту во пубертет, а снимаат видео за социјалните мрежи. Стојчевска како специјалист за оваа тема вели дека не постои општа формула или решение во работата со каков било тип деца.
– Проблеми со деликвентното однесување имало и во минатото, има и сега. Разликата е во форматот. Во ова модерно општество каде што огромен замав зедоа социјалните мрежи, побргу стигнуваат информациите од една точка на пренесување до друга, особено ако се работи за негативна случка или немил настан. Остро ги осудувам сите облици на насилство (психичко и физичко), особено ако тоа се документира и служи за потсмев и дополнителна тортура на жртвата. Сепак, јас во тоа гледам и една светла точка: доколку тоа не сме го виделе како пласиран продукт низ медиумите, можеби и не би биле свесни што прават младинците. И на тоа не треба да се гледа само преку негативна призма. Да, негативно е тоа што се случувало, но треба да ни биде сигнал за кочница дека работите треба да се сменат и да се превенираат, а не откако ќе се случат, тогаш да ни проработи алармот – коментира Стојчевска.
Според неа, секогаш кога се креираат политиките за превенција и сузбивање на каков било тип на агресија и насилничко однесување меѓу децата и адолесцентите, треба тие да бидат прашани и нивните ставови да бидат земени предвид.
– Ако заеднички вложиме сили – можеме да постигнеме сѐ. Не можеме да измериме или да ги ставиме на терезија кој е поесенцијален фактор – родителите или системот. Доколку во работата со овие деца отсуствува или е на некаков начин изоставена едната страна – нема да се постигне успех. Децата од самото раѓање и образување се дел од системот, но се и нечии деца. Тоа се две зависносложени страни кои треба и мора заеднички да соработуваат. Семејството е основна клетка од каде што тргнува стекнувањето на првични искуства на детето, но системот (воспитно-образовен) е оној кој дополнително го обликува разумот и однесувањето на секоја индивидуа – додаде специјалниот едукатор.
Освен во сферата на инклузивноста и малолетничката деликвенција, активното учество во многубројните Еразмус+ проекти, Стојчевска сподели и едно сосема ново искуство за неа во издаваштвото и промовирањето книги и стручни дела.
– Да, ова е сосема ново искуство. Промовирањето книги е специфична работа затоа што треба опсежна подготовка од читање на делото, неколку интервјуа и средби со авторот, сценарио за самиот чин… Сметам дека имам уште многу да се надградувам во ова поле, добредојдени се конструктивните критики, а лично ми се допаѓа улогата на конферанса. Да не звучам нескромно, но се гледам еден ден како автор на книга и би сакала да имам сопствена промоција – додаде Анита Стојчевска.
Фото: приватна архива
912