Мојата животна философија е дека никогаш не е доцна за ништо. Секој нов ден можеш да направиш трошка повеќе за својата среќа и здравје – вели шампионката во олимписки триатлон на Македонија

Има ли поубаво од тоа детето да ве инспирира да почнете да се занимавате со нешто? Да спортувате, да имате некое хоби? Ова ѝ се случи на Антонија Брезовска од Скопје, која, мотивирана од својот син Марио (7 години), пред половина година почна да се занимава со триатлон, спортот кој ги обединува пливањето, велосипедизмот и трчањето. И можеби оваа приказна немаше да има потреба да ѝ биде доближана на јавноста ако не ви споделиме дека токму Антонија годинава стана шампионка во олимписки триатлон на Македонија (1,5 км пливање, 40 км велосипедизам, 10 км трчање)!

Токму викендов таа е исправена пред нов предизвик, а тоа е Балканското првенство во триатлон што се одржува во Охрид. Од последниот натпревар на Државното првенство на Србија во Власина, Брезовска се врати со дури три пехари.

Антонија е дипломиран економист и води сопствен бизнис.

Марио нè зарази со триатлонот

Прв на овој спорт загриза нејзиниот сопруг Дарко Брезовски, кој веќе се натпреварува и во потешки, односно подолги триатлон-трки, полуајронмен дистанци.

Антонија се занимава со трчање во последните седум години. Таа трча полумаратони, планински треил-трки, а триатлонот ѝ е најнов предизвик.

– Приказната ја започна мојот син Марио. Тој има речиси осум години и веќе две години е член на триатлонскиот клуб „Триоџи“ од Скопје. По извесно време нѐ маѓепса сите, цела фамилија. Искрено, не верував дека имам каков било афинитет да ги обединам сите три спорта, но ентузијазмот на тренерот Данчо ме истурка низ целиот процес и сега сум сигурна дека нема назад. Во овој спорт има исто толку забава колку и себенадминување – вели Брезовска.

Спортот на рекреативно ниво е важен колку за физичкото толку и за духовното здравје на секој поединец, посочува Антонија.

Секој мора да го најде својот вентил за да остане „нормален“ во овој динамичен начин на живеење.

– Дали тоа ќе биде 20-минутна прошетка низ природа или ајронмен-дистанца, навистина е релативно.

Со овој изискувачки спорт таа почна да се занимава со наполнети 40 години.

– Мојата животна философија е дека никогаш не е доцна за ништо. Секој нов ден можеш да направиш трошка повеќе за својата среќа и здравје. Од призма на спортот, како вчера да беше кога излегов и истрчав едвај 15 минути, а денес завршувам олимписка триатлон-дистанца со насмевка – споделува Брезовска.

Тато Дарко веќе се натпреварува на полудистанци Ајронмен

Делат победнички подиуми

Марио е третоодделенец во „Јохан Хајнрих-Песталоци“ и веќе има полица богата со медали во дуатлон и триатлон натпревари, не само во Македонија, туку и на европски натпревари. Денес веќе му се случува заедно со неговите родители да учествува на исти натпревари во соодветни категории, а многу често и заеднички слават за освоените подиуми.

– Искрено, понекогаш мислам дека е збунет за тоа што јас го правам, од причина што мајка му отстапува од стереотипот. Но, на крајот на денот, не само што е горд туку и секогаш има совети за мене како да си ја подобрам техниката во пливањето, на пример – вели Антонија.

Марио (долу) заедно со своите другари и тренери претставувајќи ја Македонија на Европскиот куп во Тулчеа, Романија

Антонија не го критикува Марио доколку нешто не направи како што треба на натпревар.

– Сакам само детето да ми е живо и здраво и приоритет ми е да се забавува. Има прекрасни тренери кои многу добро знаат како да го усовршат и да го мотивираат. Пред да започне со трка милион пати му повторувам дека посакувам само жив да стигне на целта. Додека самата не го искусив триатлонот, душата ми се тресеше мислејќи дека моето дете се измачува. Сега ми е повеќе од јасно дека за него тоа е суперлуда забава – нагласува Антонија.

Марио ни сподели дека ако победи на некоја трка, тој избира каде ќе ручаат.

Го прашавме што го прави најсреќен во овој спорт.

– Триатлонот го сакам зашто во него има пливање. И го сакам затоа што со другарите си патуваме насекаде заедно, заедно спиеме и се дружиме по тренинзите.

 



912

X