Родителите не треба да се опседнуваат со хигиената на своето дете зашто ако им ги мијат премногу рацете на децата, тогаш ги намалуваат добрите бактерии на кожата. Така се намалува функцијата на кожата и во тие случаи, кога микроорганизмот ќе дојде во контакт со кожата, ќе ги мине заштитните бариери, ќе навлезе во организмот и ќе предизвика болест
Претераното миење раце на децата не е добра навика. На тој начин родителите не само што нема да ги заштитат своите деца туку и ќе им одмогнат, велат педијатрите. Кај нас сѐ повеќе се среќаваат родители кои се плашат детето да не ги извалка панталоните, да не ги искине новите хулахопки или, пак, да биде изнесено надвор за време на престојот во градинка, оти ќе се разболело. Во земја во која имаме во просек повеќе од 200 сончеви дена годишно, нашите деца треба да се надвор многу подолго отколку што се, зашто токму играњето има директно влијание врз имунитетот на децата.
Разговараме со д-р Драгана Емел-Марковска, педијатар во ПЗУ „Ложанковски“ во Скопје. Таа ни објаснува како всушност функционира имунитетот кај децата.
Не опседнувајте се со хигиената
– Сите ние имаме имунитет, тоа е систем за одбрана од надворешни предизвикувачи кој е составен од два основни дела – неспецифичен и специфичен имунитет. Неспецифичниот имунитет претставува одбрана на организмот од сите микроорганизми. Оваа одбрана е наследена и зависи од нормално функционирање на деловите на неспецифичниот имунитет и не е во врска со кое било влијание од одредени микроорганизми.
Емел-Марковска ги објаснува деловите на неспецифичниот имунитет:
*Кожата – најголемиот орган во човечкото тело, која со излачување одредени материи и со помош на голем број микроорганизми што живеат на неа има одбранбена функција.
*Конјуктивите – тие учествуваат во создавањето и чувањето на солзите.
*Слузокожата на дишните органи, устата, урогениталните органи, желудникот, цревата. Нормалната микрофлора што ја има на кожата, на дишните патишта, гастроинтестиналниот систем и во урогениталниот систем.
Специфичен имунитет е оној дел од имунитетот кој не е генски одреден, туку се создава во текот на животот и почнува да се создава од првиот момент на средба помеѓу микроорганизмите и човечкиот организам, појаснува докторката.
– Специфичниот имунитет деjствува преку одредени супстанции кои се создаваат при контакт на човечкиот организам и микроорганизмите. За нормално функционирање на имунитетот, треба двата дела да дејствуваат заедно, т.е. испреплетено во зависност од типот на микроорганизмот. За едно дете да има имунитет, тоа треба да биде оставено да дојде во контакт со одредени микроорганизми и да излачи супстанции кои ќе го спречат дополнителното размножување на микроорганизмот и на тој начин ќе ја намалат шансата да се развие болеста – вели педијатарот.
Таа ги советува родителите да не се опседнуваат со хигиената на своето дете зашто ако им ги мијат премногу рацете на децата, тогаш ги намалуваат добрите бактерии на кожата. Така се намалува функцијата на кожата и во тие случаи, кога „микроорганизмот ќе дојде во контакт со кожата, ќе ги мине заштитните бариери, ќе навлезе во организмот и ќе предизвика болест“.
Најчести се препораките за миење раце пред јадење и после одење во тоалет. Тоа го нагласува и Емел-Марковска. Таа објаснува многу важен аспект кога се претерува со миење раце за време на детската игра.
– Треба да се мијат рацете после одење во тоалет, ама кога децата си играат надвор, не треба да се прекине детската игра за да се мијат раце. Освен што на тој начин ќе се подигне степенот на издржливост на кожата, ќе се излачи и хормонот на среќа и ќе се намали влијанието на хормоните што се лачат во стрес, а придонесуваат за намален имунитет. Исто така, сѐ повеќе се поврзува стерилниот начин на живеење со појава на многу хронични болести. Се смета дека и тоа е веројатно поврзано со тоа што овој начин на живеење придонесува за стерилизирање на гастроинтестиналниот систем што, всушност, значи недостиг на добри бактерии во цревата кои би нè заштитиле од појава на алергии и сл. Сепак, најдобро е децата да се остават да уживаат во детските игри и во дружењето со своите врсници – вели д-р Драгана Емел-Марковска.
Детските градинки се местата каде што децата на почетокот често се разболуваат. Родителите често се вознемируваат и се избезумени што е правилно – дали да ги остават децата да останат во градинките или да седат дома.
– На почетокот од одењето во градинка децата се среќаваат со нови бактерии. Секој нормален организам кога ќе се сретне со нов тип микроорганизам, ја почнува борбата со истиот, со цел да го спречи да предизвика болест. Тоа се манифестира со симптоми на настинка, што најчесто ги вознемирува родителите. Тоа не е причина да се прекине престојот во градинка, кој е важен за правилен психофизички развој на децата – нагласува педијатарот.
Текстот преземено е објавен на Факултети.мк
912