И покрај тоа што денес во поголемиот дел од годината во супермаркетите се достапни свежи и конзервирани овошје и зеленчук, подготовката на зимницата е обичај кој се продолжува. А за тоа сведочи и фактот што речиси секој има рецепт од мајка си или баба си за совршен џем од јагоди или за најдобрата туршија на светот.

Летните бебиња, би рекле, се родени во најубавиот дел од годината – топло е, има многу сонце, деновите долго траат, сè цвета и убаво мириса, се оди на летување итн. Сепак, на нивните родители во едно им е најтешко – кога доаѓа време за воведување цврста храна, со навршени 6 месеци, може да настанат проблеми во однос на тоа што да изберат поради скудната понуда. Затоа многу мајки се одлучуваат да подготват зимници од домашни производи кои подоцна може да им ги понудат на своите бебиња. Има неколку начини за чување, а тоа се сушење, замрзнување, конзервирање, чување во сол или солена вода, во оцет, во масло итн. Сепак, за малите бебиња е најдобро да се концентрирате на замрзнување на храната бидејќи за тоа не се потребни конзерванси или зачини. Она што е најважно за подготовката на зимница е:

-Изберете здраво, зрело и цврсто овошје или зеленчук, а оштетените или полоши парчиња консумирајте ги веднаш.
-Садовите и приборот што ќе ги користите мора да бидат беспрекорно чисти.
-Ако зимницата ја подготвувате во теглички, тие мора да се стерилизираат.
-Поклопувачи, затворачи, гумички, исто така.
-Ако користите целофан, потребно е претходно да се натопи во алкохол.

Како да се чува зеленчукот?

Ако немате идеја што да правите со некој зеленчук, имајте на ум дека речиси сите видови може да се замрзнат. Со замрзнувањето зеленчукот останува во добра состојба со најмало губење на вредните минерални состојки и витамини. Она што е важно кај одмрзнувањето е што еднаш одмрзнатата храна не смеете повторно да ја замрзнувате. Практичен совет е храната за замрзнување да ја складирате во пластични кеси или садови за да не прими мирис од другата храна.

Грашок – исчистените зрна бланширајте ги 1 минута, исцедете ги, исушете ги и ставете ги во кесички, а потоа во замрзнувач. Младиот грашок нема потреба да се бланшира, можете свеж да го замрзнете.
Боранија – свежата боранија би требало да биде тврда. Исчистете ја, исечете ја или оставете ја цела. Бланширајте 2 минути, а потоа исцедете и ставете ја во кесиња.
Блитва – потребно е добро да се измие секој лист поединечно, бланширајте 2-3 минути, а потоа исцедете ја и изладена ставете ја во кеси.
Спанаќ – постапката е иста како за блитвата, со тоа што пред подготвување можете спанаќот да го иситните во блендер и како таков ќе биде добар за варива, пире и сл.
Кељ – кељот исечете го на помали делови, а потоа иситнете го и бланширајте го половина минута. Изладен, ставете го во замрзнувач.
Карфиол – отстранете ги листовите, а потоа карфиолот поделете го на цветови кои ќе ги бланширате 3 минути.
Морков – сосема млади моркови доволно е само да ги исчистите, оние поголемите можете да ги исечете ситно како за во варива. Потребно е да ги бланширате 2 минути и спремни се за чување.
Магдонос – ги губи сите свои својства со готвење, а ниту сушењето не е многу подобра опција. Затоа можете да го измиете, ситно да го исечкате и да го ставите во садови и да го замрзнете, па секогаш ќе ви биде при рака миризлив и ароматичен.
Пиперка – со пиперките навистина можете да направите сè. Делот кој го подготвувате за полнети пиперки, подгответе го така што ќе им го отстраните врвот и ќе ги исчистите семките. Можете да ги печете во рерна, а кога се готови, да ги исчистите и да ги наместите во порции за замрзнувач. Исто така, можете цели или преполовени да ги бланширате 2-3 минути, па да ги ставите во кеси.
Домати
– измијте ги и исечете ги на тенки кришки и бланширајте 3 минути.

Како да го сочувате овошјето?

Слично како и со зеленчукот, за бебињата наједноставно е овошјето да се замрзне, а кога ќе дојде време, полека сето богатство да се вади од замрзнувач и да се подготви во кашички.

Бобинки – измијте ги и отстранете ги лошите бобинки, распоредете ги на рамна површина да не се допираат меѓусебно и така оставете ги во замрзнувач. Кога овошјето е смрзнато, можете да го ставите во кесички или во една вреќа – со оглед на тоа дека секоја бобинка посебно смрзната нема да биде проблем да ја извадите доколку ви треба.
Јаболка – иако може да се чуваат на студено и мрачно место, завиткани во весник, исто така, можете и измиени, исчистени и изрендани да ги чувате во замрзнувач.
Кајсии, сливи – измијте ги, исушете ги и отстранете ги тврдите делови. По желба можете да ги подготвите половинките и ситно да ги исечете за кашички и за замрзнување.
Круши – можете да ги подготвувате како јаболката или кајсиите.

Исто така, од речиси секое овошје можете да зготвите џемови, мармалади и компоти. Рецептите што ги имате и ги подготвувате за своите домашни, приспособете ги за бебето (исфрлете го шеќерот кога овошјето е доволно слатко).

Автор: Матеја Кризманиќ

Извор



912

X