Одамна е познато дека коронавирусот кај децата најчесто предизвикува само благи проблеми, но досега не беше целосно јасно зошто е така.

Ново истражување покажа дека имунолошкиот систем на детето е подобро подготвен за напади на коронавирус отколку имунолошкиот систем на возрасно лице благодарение на клетките во горниот респираторен тракт, кои се постојано во состојба на готовност.

Затоа телото на детето брзо успева да го „отфрли“ вирусот во случај на инфекција, односно пред да се размножи масовно.

Ова веројатно објаснува и зошто децата многу поретко се заразуваат со ковид-19 отколку возрасните, велат научниците од Универзитетот во Берлин и Хајделберг, чие истражување било објавено во списанието „Нејчр бајотехнолоџи“.

– Сакавме да откриеме зошто одбраната од вирусот очигледно работи многу подобро кај децата – вели Ирина Леман, раководител на Одделот за молекуларна биологија во Берлинскиот здравствен институт (БИХ).

Во потрага по одговор, научниците зеле клетки од носната слузница на 42 здрави и 44 болни возрасни и деца. Потоа ја анализирале активноста на одредени гени во одделни клетки. За брза борба против вирусот, мора да бидат активни таканаречените рецептори за препознавање, кои иницираат одбрана на телото, објаснуваат научниците.

И токму овој систем во клетките на горниот респираторен тракт и во некои клетки на имунолошкиот систем е многу повеќе „буден“ кај децата, покажа анализата. Кај возрасните, системот за рано предупредување е фатен неподготвен, па вирусот се шири побрзо и поефикасно.

– Од оваа студија дознавме дека не постојат само фактори на ризик за ковид-19, туку и фактори на заштита – вели Леман.

Авторите тврдат дека нивните наоди би можеле да го отворат патот за нови истражувања за тоа дали научниците можат превентивно да стимулираат заштитна реакција на коронавирусот кај пациенти со висок ризик, за да го донесат до нивото што го имаат децата изложени на вирусот.

Извор



912

X