Здравјето на сите граѓани вклучително и на најмалите е најважно. Затоа од големо значење е сите заедно да вложиме напори во обезбедување на безбеден престој на децата во градинките, велеат од ресорното министерство

Сите вработени во детските градинки кои не се вакцинирани да пристапат кон процесот на имунизација, со цел непречено одвивање на воспитно-образовниот процес за време на пандемијата.

Ова е последниот повик на Министерството за труд и социјална политика (МТСП), со кој се повикува на општествена одговорност на сите вклучени во процесот на воспитување и образование на децата од предучилишна возраст, имунизацијата да продолжи со несмалено темпо во текот на целиот летен период.

– Досега се вакцинирани речиси 60 проценти од вработените во градинките во државава и воедно апелираме и останатите 40 проценти на воспитувачи, негуватели и технички персонал да се вакцинираат за да може да биде обезбеден безгрижен престој на децата. Само така градинките по завршувањето на летниот период ќе можат да работат со полн капацитет – посочуваат од ресорното министерство.

Оттаму додаваат и дека вработените во градинките изминатиот период покажале високо ниво на одговорност и професионалност и преку целосно почитување на Протоколот за заштита не дозволија внатрешно ширење на ковид-19.

– Здравјето на сите граѓани вклучително и на најмалите е најважно. Затоа од големо значење е сите заедно да вложиме напори во обезбедување на безбеден престој на децата во градинките – заклучуваат од МТСП.



912

X