Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам двегодишно детенце кое одбива да оди во градинка. Револтот и незадоволството ги искажува така што таму гладува и одбива да пие. Само спие и плаче таму. Негувателките ми предложија да доаѓаме во 9 часот, по појадокот и да го земаме по дремката, односно по 13 часот. Оваа адаптација траеше 4 месеци, детето воопшто не се адаптира, со плачење одиме таму, со плачење го земаме, дури добив информација дека на детето му се вклучува мобилен телефон и цртани само за да се смири и да не плаче. Еден ден си реков доста е. ќе пресечам. Штом за четири месеци не се адаптира, тогаш ќе почнам со носење во 7 часот мислејќи дека ќе почне да јаде. Меѓутоа, детето си продолжува по старо. Ни појадок, ни ручек, ни сок, ни ужина. Буквално ослабна, почна да се разболува, му се намали имунитетот. Решив повеќе да не го носам во градинка, решив да седи дома со мене додека јас сум на трудничко, а потоа, кога ќе се породам, пак да пробам. Не знам дали тоа е добра идеја, ама навистина немам веќе немам сили ни трпение за тој да продолжи со градинка. Ми треба ваш совет…
ОДГОВОР: Темата на адаптацијата на децата кон градинката е секогаш полна со предизвици и многу прашања, што доведува голем број родители во безброј недоумици како да пристапат и постапат за да му го олеснат овој период на своето дете, а и себеси.
За да може подобро да го разберете своето дете и неговото однесување, обидете се за момент да се замислите на негово место и замислете како светот изгледа низ неговите очиња. Тоа е свет на познатите лица на мама и тато, полни со љубов и разбирање, познатите играчки, познатото креветче, познатата околината на домот и познатиот ритам на денот. Одеднаш, еден ден сè се менува. Мама го носи детето на некое непознато место и го остава со непозната личност. На ова место сè е непознато – играчките, креветот и храната се различни од оние дома. И што е најважно, таму наеднаш има многу непознати лица и многу непознати деца кои често плачат, што може дополнително да го вознемири детето.
Кога детето влегува во непозната средина, целиот негов свет се менува, а тоа нужно бара да се смени и самото дете и начинот на кој функционирало дотогаш, што за многу деца на двегодишна возраст претставува силен стрес, бидејќи тие сè уште ги немаат во целост развиено своите капацитети за приспособување кон промени. За време на фазата на адаптација, функционирањето на речиси сите системи на детето се менува и многу често се јавуваат следниве процеси: се јавува регресија на веќе научените вештини (детето привремено го „заборава“ она што веќе го научило и совладало, на пример, како само да држи лажичка, да кажува кога му се кака и сл.), спиењето и апетитот се влошуваат; често пати поради ова детето е уморно и изгледа депресивно, неенергично и забавено; а сето ова е често придружено и со силна вознемиреност и сцени на силни емотивни изблици.
За време на периодот на адаптација чувствителноста на детето на сите надворешни влијанија станува посилна. Покрај тоа, неговиот организам не секогаш може да се справи со силниот психолошки стрес кој самата промена го предизвикува. Болеста е често пати заштитен механизам на организмот, како кај децата така и кај нас возрасните.
Клучот за што полесна и што поуспешна адаптација на детето во градинка е правилна подготовка, психолошка писменост на родителите, како и атмосфера на сигурност и емоционална добросостојба во семејството. Способноста на детето успешно да се приспособи во голема мера зависи и од психолошката состојба на неговите родители и начинот на кој тие ја прифаќаат и се носат со оваа промена. Колку се посмирени и посталожени мајката и таткото, толку посигурно ќе се чувствува детето во непозната средина.
За време на периодот на адаптација добро е детето да нема дополнителен стрес, како што е преселување од дома, развод на родителите или раѓање на второ дете. Вие споделивте за вашата намера да го повлечете детето од градинка додека сте дома и додека не се роди вашето второ дете. Лично не сметам дека е ова добра стратегија бидејќи многу лесно детето може да го доживее тоа погрешно и да помисли дека сега новото бебе е поважно и посакано од него затоа што тоа останува дома со вас, а тоа мора да оди во градинка. Ова може дополнително да ја влоши ситуацијата и да креира дополнителни проблеми со адаптацијата. Дополнително, не заборавајте дека по секоја подолга пауза (дури и во ситуации кога детето отсуствува само неколку недели од градинка поради болест), процесот на адаптација на детето започнува одново. Ова значи дека проблемите, како што се болното одвојување од вас, солзите, емоционалните бури и отпорот да оди во градинка ќе бидат посилни.
За да му помогнете на своето дете што полесно да ја помине оваа фаза на адаптација, неопходно е најпрво вие како родители да останете смирени и трпеливи. Разговарајте за своите проблеми со воспитувачите и психологот во градинката и побарајте нивно мислење. Запознајте се со деталите од рутините по кои ги организираат нештата во градинката, како времето за јадење, дали децата јадат сами или се потпомогнати од воспитувачите, режимот на спиење, времето за игра и едукативните активности кои ги спроведуваат, и обидете се своите рутини на функционирање дома да ги приспособите што е можно повеќе на оние во градинката за да ја намалите разликата помеѓу нив. Доколку во овој период сте ослободени од работа поради тековната бременост, тогаш обидете се адаптацијата на детето да ја потпомогнете со кратки интервали на престој во градинката. Нека бидат на почетокот посети од само 30 до 60 минути, кои потоа постепено ќе ги зголемувате во договор со вработените во градинката. Откако ќе се роди второто бебе, нема да ја имате таа флексибилност со времето, па затоа е подобро да почнете што поскоро.
Не заборавајте да ги стимулирате и развиете потребните вештини за самофункционирање кај детето согласно неговата возраст. Во таа смисла, обидете се да му дадете поголема независност на вашето дете, дури и ако сметате дека тоа сè уште не знае што прави. Обрнете внимание и на развојот на комуникациските вештини на вашето дете. За што подобра адаптација на детето, добро е тоа да знае како да комуницира не само со други деца, туку и со возрасни. Обидете се да ја искористите секоја можна ситуација во овој период за да го охрабрите да ги вежба своите комуникациски вештини, на пример, при посета на пријатели или роднини, на игралиште, во парк или во продавница.
Обидете се да му дадете поддршка на детето во неговиот процес на адаптација и на тој начин што често ќе ја актуализирате темата и ќе зборувате за тоа. Овозможете му отворено да ги изрази своите емоции кон градинката без да го осудувате или критикувате. Пробајте преку игра да дознаете дали можеби таму има нешто што го мачи. Пробајте и да дознаете како тоа се чувствува во однос на своите воспитувачки и другите деца во групата. Раскажувајте приказни и играјте игри кои се поврзани со тематиката одење во градинка кои му помагаат на детето да ја олесни адаптацијата во градинката. Заедно гледате стари фотографии од мама и тато кога тие биле мали и оделе во градинка, и раскажувајте му за своите сеќавања и доживувања од тој период.
Најважно од сè е да останете смирени и трпеливи, прифаќајќи дека детето има свое темпо по кое ги прави нештата и дека секој обид да му го наметнете своето темпо може да разбуди отпор и да доведе до потенцијално влошување на ситуацијата. Се надевам дека ви помогнав да пронајдете одговор за прашањата кои ве мачат и да добиете повеќе практични идеи во однос на тоа во која насока би можеле да ги придвижите нештата во процесот на адаптација со вашето дете. Ви посакувам лесна пловидба и што поскора стабилизација на оваа фаза.
Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912