1. Читајте секојдневно
Исто како и појадокот, миењето заби или местењето кревет, читањето е активност која треба да ја практикуваме секојдневно, рутински и без размислување. Секое време од денот е погодно за читање (наутро додека појадуваме, попладне како мал одмор или навечер пред спиење), но конзистентноста, односно читањето секој ден е она што ќе даде најголем ефект.
2. Направете место за читање
Воопшто нема потреба од претерување и комплицирање, доволни се неколку удобни перници, соодветно осветлување, полица за книги, и тоа е тоа. Ако сакате целосно да го издвоите тој простор и да го направите поинтимен, обидете се со најобична завеса.
3. Никогаш не може да имате премногу книги
Понудете му на детето разновидна литература. Досадните книги одмагаат при развивањето љубов кон читањето, затоа избирајте интересни книги, по вкус на детето. Одете заедно во библиотеки и книжарници и дозволете му самото да избере книга што ќе му го привлече вниманието. Оставете го слободно да шета покрај полиците, така најдобро ќе откриете што му пробудува најголем интерес.
4. Читајте во согласност со она што ви се случува во моментот
Читањето иста книга може да развие монотонија и опаѓање на интересот. Обидете се да внесете забава читајќи за теми што ви се актуелни во тој момент. На пример, ако одите во зоолошка градина, читајте книги за животни. Заминувате на море? Понесете книги на тема патувања, доживувања на море и слично. За празниците читајте приказни што се случуваат на празници. Напролет вклучете книги за цвеќиња, инсекти, птици…
5. Рецитирајте заедно
Дури и наједноставните детски песнички можат да го збогатат речникот на вашето дете. Затоа рецитирајте во автомобилот, во продавница, додека шетате… Тоа се добри можности за рецитирање песнички.

6. Често посетувајте библиотеки
Направете вистински настан од тоа. Детето само нека ја чува својата карта за влез, воведете редовни посети на библиотеки, на пример, еднаш во десет дена, одредете број на книги што ќе ги позајмувате секојпат. Ќе забележите дека детето ќе ја засака библиотеката.
7. Направете своја библиотека дома
Новите книги понекогаш навистина се скапи и можеби се резервирани само за родендените и празниците, но и половните книги и книгите добиени преку размена со другарчињата ќе ви помогнат да создадете сопствена домашна библиотека. Посетувајте продавници и користете ги попустите на саемите, плоштадите и слично. Ќе се изненадите што сè ќе можете да најдете таму.
8. Проширете ја приказната надвор од страниците на книгата
Приказните можат и да оживеат, ако им дозволите. Можете да изработувате костими според книгите, да подготвите оброци според приказната… Почнувајќи од приказната раскажана во книгата како почетна точка, можете да ја поттикнете детската фантазија преку играње на улогите, преслекување, замислување поинаков крај и слично.
9. Книгите нека им бидат достапни на децата
Ако оставите некакво овошје на видливо место во домот, голема е веројатноста дека детето ќе посегне по него и ќе го изеде. Исто е и со книгите. Изложете ги книгите така што децата ќе можат да ги гледаат кориците, за побрзо да ги земат в рака. Предизвикајте им љубопитност.
10. Книгите како извор на информации
Покажете им ги на децата моќта и знаењето што се наоѓаат во книгите. Секогаш кога ќе имаат некакво прашање за вас, упатете ги одговорите да ги бараат во книгите. Ако детето сè уште е малечко за само да истражува, правете го тоа заедно. Зошто облаците се бели? Каде е сонцето? Некои одговори можеби ќе ги најдете и на интернет. Тоа е уште еден начин да го научите детето само да истражува.
11. Не ограничувајте го описменувањето само на книгите – тоа се наоѓа и на други места
Поттикнете го детето да ги гледа и знаците на патот, списанијата, каталозите и ќе бидете изненадени колку и самото ќе може да „чита“ со помош на сликите и фотографиите. На овој начин му ги поттикнувате креативноста, фантазијата и изразувањето.
12. Работете на основите на читањето – учете букви
Ако вашето дете покажува интерес за букви или зборови, обидете се да работите уште повеќе на тоа поставувајќи им едноставни прашања. На пример, прашајте го детето: „Која е оваа буква? Дали го препознаваш ова име? Овој збор има некои букви од твоето име. Можеш ли да ми ги покажеш?“ Изговарајте ги буквите и разговарајте за нивниот облик и изговор.
13. Секогаш одвојувајте време за читање
Читајте барем десетина минути дневно, по можност секој ден. Пронајдете време што ви одговара, макар и додека шетате, за време на појадокот или додека се возите во автобус. Десетина минути се доволни вашето дете да ја развие вештината на читање за цел живот. И многу е забавно, ако ги пронајдете вистинската мера и вистинскиот начин.