Успехот на учениците во учењето зависи од многу фактори, а не само од социо-економските. Затоа односот на родителите кон учењето игра важна улога. Но, кој е најдобриот начин родителите да им помогнат на своите деца?

Влијанието на семејството

Успехот во учењето на еден 15-годишник по предметите математика, мајчин јазик и природни науки официјално го проверува светски признатата ПИСА-студија. Оваа студија покажува дека успехот на ученикот директно е поврзан со типот на училиштето што го посетувал, како и со факторот семејство. Влијанието на семејството може да биде посилно од квалитетот и обемот на наставните програми или инвестициите на една земја во образовниот систем.
Анализите во многу земји покажуваат дека успехот во училиштето е тесно поврзан со социо-економската и образовната заднина на членовите на потесното семејство. Јазот помеѓу богатите и сиромашните директно се рефлектира врз образованието во една земја. Но и покрај овие социо-економски фактори, се разбира, и однесувањето на родителите, исто така, влијае врз перформансите и може да им помогне на децата, независно од социо-економските прилики.

За жал, не секоја форма на родителска помош дава резултати во учењето.

Постои можност училиштата да го поттикнат активното учество на родителите како поддршка во учењето, а со тоа децата да постигнуваат подобри резултати. Најдобар показател за ова се направените студии во текот на изминатите 20 години.
Сосема очекувано резултатите покажаа дека начинот на кој родителите ги поддржуваат своите деца е клучен за успехот во учењето и мотивацијата кај учениците. Изненадувачки е тоа што активното учество на родителите во учењето дома, на пример, во помагањето во решавањето на домашните задачи или активно фокусирање на ученикот во успех во учењето многу малку ги подобрува перформансите на ученикот. Во голем број случаи прекумерното мешање од страна на родителите во учењето се покажува како контрапродуктивно. Тоа значи дека помошта при решавањето на домашните задачи дава негативен ефект кога во најголема мера е фокусирана исклучиво на решавањето на домашната задача. Наместо тоа, попродуктивно е ако родителите постават правила за тоа кога, каде и како треба се пишуваат задачите и притоа да понудат специфична помош, па дури и кога решенијата на ученикот не се целосно точни. Родителите, се разбира, треба да укажуваат на грешките, но истовремено треба да ги пофалат и другите аспекти на работата на своето дете.

Родителите како мотиватори на детето

Однесувањето на родителите како мотиватори на своето дете има позитивни ефекти преку кои тие ја зајакнуваат мотивацијата за учење кај детето. Ова може да се постигне, на пример, ако родителите покажат позитивно очекување и покажат доверба во своите деца. Тоа значи наместо постојана проверка на домашните задачи и барање резултати во учењето, на детето помотивирачки влијае постојаното охрабрување и негово оспособување за самостојна работа, на пример, детето само да успее да ги проверува своите решени домашни задачи и самостојно да успее да ги најде и поправи евентуалните грешки што ги направило.

Се препорачува родителите отворено да разговараат со своите деца за можните постигнувања по одделни наставни предмети, за продолжувањето на идното школување, за стратегиите за учење или да се даваат пофалби и критики во врска со индивидуалната работа. Како резултат на тоа, довербата кај децата по одделни наставни предмети расте. Овој ефект се зголемува при влегување во адолесценција.

Посветеност надвор од училницата

Анализите укажуваат и на позитивните ефекти во учењето кај учениците чии родители се вклучени во училишните тела. На овој начин учениците чии родители се дел од Советот на родители, на пример, покажуваат подобри резултати во учењето. Исто така, треба да имаме предвид дека децата се помотивирани кога нивните родители присуствуваат на соодветни училишни настани. Сепак, експертите сметаат дека во случајов станува збор само за корелација зашто ангажманот на родителите не мора да биде единствената и пресудна причина за добрите перформанси во учењето. Постои веројатност родителите кои се дел од училишните тела да се вклучиле дури тогаш кога нивните деца веќе се покажале како успешни ученици.

Но и покрај ова, генерално, резултатите покажуваат дека одредени форми на родителски ангажман навистина може да ги зајакнат перформансите во учењето и мотивацијата кај децата.
Се разбира дека контактот и комуникацијата со наставниците се најважни и имаат значајно влијание во наставниот процес.
Анализите покажуваат дека не секое дете на кое му е потребна помош во учењето добива иста поддршка од своите родители. Затоа постои потреба од директна соработка помеѓу наставниците и родителите. Ако наставниците „им пружат рака“, односно ги посоветуваат родителите за тоа на кој начин тие поефективно би можеле да им помогнат на своите деца надвор од училиштето, првенствено во решавањето на домашните задачи и стратегиите на учење, очекувано е резултатите да бидат подобри. Едноставно родителите не смеат да се колебаат да им дадат поддршка на своите деца во учењето.

Автор: Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност



912

X