Стара поговорка е дека ќотекот излегол од рајот, но како што рекол еден руски психолог, да бил добар, не би ни излегувал, туку би останал таму
Социологот Бојан Панаотовиќ, директор на новосадскиот Културен центар, е противник на физичкото казнување на деца, не само теоретски, социолошки и како јавна личност, туку таквиот став го почитува и применува и во својот живот како татко на 2 деца.
Тој за српски „Вести“ објаснува дека одамна постоело физичкото казнување, но не гледа дека со тоа цивилизацијата постигнала некои брилијантни резултати, како што би било свет без војни, или совршени поединци и општество.
„Зошто тогаш да не се обидеме да постапиме поразлично“, прашува Панаотовиќ, со напомена дека не е запознаен со сите детали на Семејниот закон, но дека начелно дава поддршка на идејата за промена на законската регулатива заради многу големиот број случаи на злоупотреба на малите деца.
Го наведува примерот на „дозволена“ реакција на родителите кога детето се наоѓа во животна опасност.
„Ако махинално го удрите по прстите детето за да не ги стави во струја, тоа не е ненормално и патолошко однесување. Детето било загрозено и кога тоа сте го сториле за да му го спасите животот, се разбира дека не треба за тоа да има законска санкција. Но, ако детето од 2 или 3 години го удрите бидејќи не ја извршило нуждата на нокшир, туку во пелена, или рекло нешто што не ви се допаѓа, тоа е апсолутно неприфатливо и штетно за нормалниот раст и развој. Стара поговорка е дека ќотекот излегол од рајот, но како што рекол еден руски психолог, да бил добар, не би ни излегувал, туку би останал таму“, вели Панаотовиќ.
Тој поставува важно прашање на сите „чести борци за правда“: „Ако се згрозуваме заради насилство врз жените, односно што некој сопруг ја истепал својата сопруга, или кога ќе прочитаме за насилство врз стари лица, зошто тоа не важи за децата? По кој критериум е неприфатливо да се биде насилен кон партнерот, а нормално да се врши насилство над децата? Не гледам дека тоа може некој рационално да го објасни“, зборува Панаотовиќ.
Многу е важно, според зборовите на овој социолог, родителите да разговараат со децата и односот да се воспостави така што децата ќе ги исполнуваат обврските за да уживаат во привилегии и права.
„Да кажеме, нема вечер кино и палачинки со друштвото ако не се завршени училишните обврски и домашни работи. Тоа не е злоупотреба, туку она што животот на секого му го носи и на нам возрасните. Ако не одиме на работа, нема да имаме плата и нема да можеме да платиме сметки, да купуваме работи, да патуваме…Постои 1001 начин како родители да бидете истрајни, а децата да не ги загрозувате, а старата изрека вели – убавиот збор, железни порти отвора. Значи разговор и трпение, но и цврстина во ставот и одлуката“ вели тој.

Можност за лажни обвинувања
Родителите кои употребуваат физичко насилство, вели Бојан Панаотовиќ. Треба да поминуваат низ едукација за ненасилно воспитување деца. „Сепак, тука треба да се отстрани злоупотребата. На пример, ако мајката му викнала на детето и му рекла дека не може д аигра игри цел дел на компјутер, туку дека мора да учи, а детето тоа го пријави и злоупотреби и надодавајќи дека го злоупотребила психички, па измислува и дека го удрила, ужасно е да заврши во служба за социјална работа и на едукација за родителство. Тоа значи дека мора да се најде вистинската мера, бидејќи од една страна е физичкото насилство апсолутно непримерно во векот во кој живееме и современите модели за воспитување, а од друга се надлежните институции, државата и општеството кои мораат да сфатат дека треба да се спроведе мерка, но да се отстрани злоупотребата во однос на пријавувањето родители за се и сешто од страна на децата, како и вршење уцена и со сето тоа да растат во анархична атмосфера што е друга крајност, која може да има еднакво лоши последици.
Да се знае кој е кој
„Надминато е да се разговара на основа на физичка сила особено со мали деца кои се чувствителни, но и со тинејџерите. Сепак, морам да нагласам дека не смеете, од друга страна, да дозволите децата да ви бидат запуштени и невоспитани, да злоупотребуваат и уценуваат. Мора да се знае кој е родител, а кој дете, чиј збор се почитува. Да се знае кој е воспитувач, а кој воспитуван“, укажува социологот.
Не го исфрлувајте бесот
„Ова е 21 век и како што сега не одиме по вода, одејќи 3 километри до изворот и не се довикуваме од рид до рид, туку имаме водовод, мобилна телефонија и „Скајп“, како што веќе не се умира од чума, туку се вакцинираме, така и науката напредува. Новите сознанија од областа на психологија, социјална психологија, педагогија, воспитување и нови откритија, говорат дека не е добро да се тепаат деца, а посебно не треба тоа да се прави после тешкиот и напорен ден, кога сте фрустрирани со некоја ситуација, па да се „истресете“ на најслабите, а децата тоа и се, според природниот тек на нештата“ – вели Бојан Панаотовиќ.
Автор: Драгана Декиќ