Зои Фостер Блејк е 36-годишна блогерка и мајка на 3-годишниот син Сони и новородената ќерка Руди, а неодамна ја сподели искрената приказна за породувањето и периодот по породувањето за да им помогне на идните и новите мајки во новата животна улога.
За среќа, оваа мајка двапати имала позитивно искуство со породувањето, но свесна е дека многу други мајки ја немаат нејзината среќа: „Би било неверојатно…Знам колку брзо работите може да станат сериозни и тешки и колку брзо сè може да излезе од контрола, затоа се чувствувам благословена и среќна што сум поминала низ две позитивни породувања. Вашето искуство е неверојатно значајно, останува со вас низ целиот живот, без разлика дали позитивно или негативно. И затоа знам дека сум имала среќа“.
На своето второ породување, Зои открила дека породилните болки почнале спонтано, еден ден пред терминот. Таа и нејзиниот сопруг тргнале кон болница неколку часа откако болките започнале, бидејќи читале дека второто бебе често знае да подрани, за разлика од првото. Се пошегувала дека речиси заборавила какво е чувството да се турка кога ќе дојде време за породување, но „кога конечно го фатив ритамот, поминаа само 15 минути додека ја држев мојата ќерка во прегратки“, рекла таа.
„Моето тело заврши фантастична работа, како и моето бебе. Руди ми помогна еднакво колку и јас нејзе. Толку сум ѝ благодарна. Беше извонредна партнерка за породување, во вистинска смисла на зборот“, напишала Зои.
По породувањето, прославила со сендвич, пржени компирчиња и чаша шампањ бидејќи како што објаснува, породувањето е жестоко и треба да се наполните со еден тон брза и нездрава храна. Исто така, го ограничила бројот на посетители за да си ги олесни часовите по породувањето. Како што сите знаеме, тоа се часови без спиење, дополнително присетување на доењето, справување со новороденче и пречекување посетители во болница навистина не е добра идеја.
Кога е во прашање психичкото здравје, Зои се чувствува добро иако страда од постпородилна исцрпеност, што значи дека на некој начин е физички, емоционално и хормонски истрошена… или со други зборови: стана мајка.
„Маститисот кој се повторува и константниот замор и желба за спиење се прилично јасни знаци за постпородилна исцрпеност“, рекла таа. Признава дека во нејзин случај поминале 6 недели кога завршила благословената фаза со новороденчето и дури тогаш сфатила дека ја чека нова предизвикувачка улога како мајка на своите малечки деца: „Кога имате малечко дете покрај себе и се обидувате да го храните и тешите бебето во исто време – малку сте надвор од себеси. Фактот дека им требате константно на тие две деца, и тоа точно во исто време, би бил сосема ново искуство, полно со предизвици. По 3 години родителство на само едно дете, се чувствував сосема неподготвена“, рекла таа.
Да се „жонглира“ помеѓу повеќе деца и нивните различни потреби знае да биде навистина предизвикувачко за родителите, но оваа мајка е свесна дека постојат многу други родители кои имаат повеќе работа од неа.
„Родителството е најтешката работа што некогаш сум ја извршувала и најтешката работа што постои. Првата недела по долго породување е најтешка недела од мојот живот“, признава таа и додава дека не може ниту да замисли како успеваат самохраните родители, родителите со близнаци или со 3, 4, 5 или 6 деца. „Им се восхитувам и наздравувам во нивна чест. Четвртото тримесечје навистина постои“.
912