Иако поимот фина моторика најчесто се поистоветува со моторика на рацете и прстите на рацете, се однесува и на движењата на јазикот и малите мускули на лицето, односно на сите зглобови, коски и мускули. За детето да развие фина моторика и со леснотија да ги извршува секојдневните задачи, потребно е од раѓање да се вежбаат различни моторички задачи, преку забава и игра. Освен што со развојот на фината моторика го поттикнуваме развојот и на подрачјата кои управуваат со говорот, развојот на фината моторика кај децата овозможува тие самостојно да ги завршуваат секојдневните активности (врзување чевли, закопчување копчиња, сечење со ножици и слично) многу порано.

Бидејќи е важно фината моторика да се развива од најрана возраст, има неколку летни активности во кои децата ќе уживаат, а воедно ќе им помогнат да развијат сила во своите прсти, раце, подлактници и слично… Цртањето со креда и прскањето со вода се дел од забавата за летните месеци. Но, додека децата се мокри и креативни, исто така, развиваат фина моторика, па постојат многу летни активности во кои можете да ги вклучите своите деца, а тие воопшто и да не се свесни дека работат на развој на своите вештини.

Дување балончиња од сапуница

Дувањето на балончињата и нивното разбивање со еден прст значи развивање на координацијата на видот и движењето на прстите, и тоа на секој посебно.

Игра во песок

Децата обожуваат да си играат во песок, да копаат, да градат… Затоа, оставете го детето во песок во слободна игра. Додека игра во песокот, допирајќи го со прстите, детето го развива движењето, а со префрлувањето на песокот од еден сад во друг се поттикнува на движење на рацете, што значи и јакнење на подлактниците, дланките и зглобовите.

Цртање со креда

Секое цртање ја развива фината моторика на прстите, а кога децата цртаат со креда на подот, развиваат сила во рацете, се движат, развиваат перцепција и креативност.

Цедење сунѓер

Една канта наполнете ја со вода, а другата нека биде празна. Дајте му на детето голем сунѓер. Нека го натопи сунѓерот длабоко во водата, а потоа нека го исцеди во друг празен сад. Можете да организирате натпревар ако има повеќе деца. Оваа игра ги јакне рацете и прстите, а е многу забавна кога е многу топло.

Боење

Земете водени боици, пронајдете камења со различни големини и оставете ги децата да ја изразат својата креативност со боење на камчињата. Боењето е извонреден начин да се развие фината моторика потребна за пишување.

Активности со качување

Качувањето е напорно за прстињата, рацете и рамената, што значи дека ја развива силата кај децата.

Битки со вода

Пиштоли со вода, шишиња наполнети со вода, гаѓање со балони наполнети со вода… Многу забавна активност, а детето ги развива мускулите на рацете и ги зајакнува прстите, а и се разладува.

Автор: Сања Маташиќ

Извор



912

X