Јапонците важат за еден од најдисциплинираните народи во светот, а оние што ги познаваат нивните обичаи и култура тврдат дека нивните деца уште од мали се учат на ред и пристојно однесување.

Кој е нивниот таен рецепт за успех кога станува збор за воспитувањето на децата?

Во текстот за „Savvy Tokyo“, новинарката Кејт Луис, која со години живее во Јапонија, ја објаснува уметноста на Јапонците во воспитувањето на децата што ја научи од соживотот со нив.

– Една од големите заблуди што ја имав кога се преселив во Јапонија беше дека нивните деца се совршено самодисциплинирани уште од раѓање. Замислував мали роботи што ги почитуваат своите родители, тивко ги следат сите правила со вродена покорност и прецизност – наведува авторката на текстот.

Таа објаснува дека секогаш така ѝ се чинело кога патувала со воз во кој две или тригодишни деца седат во тишина и си играат со кадифена играчка, додека нејзиниот двегодишен син незадржливо скокал низ купето.

– Додека тивко го карав, јапонските мајки како да зрачеа со мирното спокојство на „добрите мајки на убави деца“. Мојот син не се однесуваше толку лошо. Имаше само очигледна културолошка разлика во тоа што се очекуваше од неговото однесување и како беа научени неговите јапонски врсници – пишува Кејт.

Тогаш таа се запрашала што прават Јапонците и кој ги воспитува нивните деца за да бидат толку послушни и смирени.

И малите Јапончиња имаат напади на бес

– Ние, кои бевме странци во Јапонија, почнавме да ја играме играта да најдеме непослушно јапонско дете во паркот. Ако се случеше малите Јапончиња да имаат тантрум на јавно место, ќе почувствував олеснување бидејќи нема само нашите деца да имаат лош ден.

Кога и да им се случат тантруми на малите Јапончиња, родителите воопшто не интервенираат во текот на овие „епизоди“. Детето седи на земја, плаче и вреска на игралиштето или во паркот, а родителите изгледаа сосема опуштени и безгрижни – раскажува Кејт.

Таа ја опишува ситуацијата кога нејзиниот син одбивал да си оди дома со воз и колку се чувствувала непријатно поради неговата хистерија и колку им се извинувала на луѓето во одделот, бидејќи ниту еден нејзин дисциплински метод не можел да го смири.

– Сепак, по неколку дена, се најдов во ситуација кога гледав мал Јапонец во воз кој беше хистеричен. Но, неговиот татко веднаш го зеде в раце и го симна од возот. Следната сцена што ја видов беше како тој клечи на колена пред детето пред скалите и нешто му објаснува. Тоа беше откритие – се сеќава авторката на текстот и додава дека тоа го видела и претходно, но не обрнувала внимание.

Таа истакнува дека тајната на Јапонците за успешен начин на воспитување на децата е во тоа што тие веднаш се фокусираат на запирање на лошото однесување и зборување насамо за тоа што се случува.

Освен што го почитува интегритетот на детето, дисциплинирањето во четири очи не ги става родителите во непријатна ситуација. На јапонски јазик, дисциплината е „шитсуке“ – што се однесува и на обука и на образование.

Казнете го однесувањето, а не детето

Детските психолози низ светот се чини дека се согласуваат дека секогаш е најдобро да се казни однесувањето, а не детето.

– Фокусот на Јапонците е насочен кон дисциплината како тренинг. Тие ги учат децата на добро однесување со постојано моделирање на соодветниот начин на воспитување и зборување кога отстапуваат од тој пат.

– Децата во градинка следат строг распоред, повторувајќи ги истите песни, игри и пристојно однесување, како што е уредно средување на чевлите и тивко седење додека тоа не стане рутина – објаснува Кејт.

На крајот, таа заклучува дека родителите се држат до она што најдобро одговара во воспитувањето, но нивниот принцип е секогаш да разговараат со своите деца и да го казнуваат нивното однесување во моментот кога децата направиле нешто погрешно, без никакво одложување.

Извор



912

X