На детето родителите му се пример, некој на кого се угледуваат и чии висини сакаат да ги достигнат. Така се чувствуваат големи. Затоа често го имитираат својот татко, ги облекуваат неговите кошули, некогаш и панталони. И своите малечки нозе ги сместуваат во огромни чевли. Иако се всушност смешни и слатки, така малечки во голема облека, за нив овој чин претставува повеќе од тоа. Во облеката на таткото, големи се како тато. Девојчињата обожаваат да ја облекуваат гардеробата на мама. Да ги облечат чевлите со високи потпетици на мама и со невешто и несигурно одење да глумат дека се големи како мама. Покрај облеката, често ја земаат и шминката на мама. Иако на мајките тоа не им е баш омилено, бидејќи потоа ги очекува средување на шминката, бришење на сенките од килимите и комодите, како и бањање на детето намачкано со карминот околу уста и често по целото лице. Колку и да му забранувате на детето да ја зема вашата шминка, ова сценарио се повторува, зарем не?
Децата го прават она што го прават родителите
Децата сакаат да прават сè што прават родителите. На тој начин тие всушност учат, копирајќи го однесувањето на родителите и врз основа на тоа го учат своето однесување. Имитирањето е всушност фаза во детскиот развој. Бидејќи децата најпрво учат според модел, а тој модел им се родителите. Децата исто така ги имитираат и навиките на своите родители, родителските активности, па користат и фрази кои ги слушаат од мајката или таткото. Така го креираат својот речник. Често си играат така што го поправаат автомобилот како и тато, како да возат автомобил, исто така често играат лекар, учител, банкар, зависно од тоа која е професијата на родителите. Децата често зборуваат и дека ќе бидат ветеринари кога ќе пораснат ако со тоа се занимава нивниот татко. Или дека ќе бидат адвокати ако тоа е професијата на нивната мајка, иако не знаат што тоа значи и со што точно се занимава мајката.
Секое однесување на родителите за детето е всушност нова лекција
Да. Детето ги набљудува своите родители и од нив учи во сите ситуации. Однесувањето на маса и како се јаде, детето го учи набљудувајќи ги своите родители. Затоа е важно во текот на оброкот да бидете сите на маса и да јадете заедно. Со свој пример му покажувате на детето како се користи прибор, што се прави во текот на оброкот. Исто како и што значи да се однесува културно за време на оброкот. Навиките се стекнуваат и се учат од мали нозе. А детето ги стекнува своите навики врз основа на навиките на своите родители. Однесувањето на родителите е многу важно и важно е тие да бидат доследни, бидејќи детето секој ден ќе ги имитира.
Децата учат и кога родителите не обрнуваат внимание на тоа
Колку пати се случило да помислите во некоја ситуација: „Малечок е тој, не го разбира баш тоа“. И по некое време гледате дека детето го повторува истото и се прашувате од каде го видело тоа. Децата не го разбираат секој збор што родителите ќе го изговорат, како ни секое однесување на родителите, мали се и не разбираат што всушност тоа значи, но тоа не значи дека нема да ве имитираат и да го повторуваат вашето однесување. Или на сите добро позната ситуација, кога таткото поправајќи го автомобилот е нервозен, бидејќи не му оди како што замислил, па изговара мноштво пцости кои детето ги впива и подоцна ги повторува. Таткото не го направил тоа намерно, фокусиран е на својата работа и не ни обрнал внимание дека детето го слуша и подоцна се чуди од каде детето научило такви грди зборови. Децата се како сунѓери, впиваат сè што вие правите и зборувате, во најраното детство вие сте им извор на информации и модел за учење на однесувањето.
Децата ги учат емоциите
Но, децата ги учат и емоциите гледајќи и имитирајќи го односот меѓу родителите, исто така учат и од односите на родителите кон нив, па затоа покажувајте емоции и учете го детето со свој пример да сака и да биде сакано. Подоцна така научените емоции ги искажуваат кон братот и сестрата, кон родителите, бабите, дедовците, пријателите, подоцна партнерите и своите деца. Затоа поставете здрави емоционални темели и дајте му на своето дете добар модел за учење емоции.
Децата секогаш „впиваат“
Децата секогаш учат од однесувањето на родителите. И надвор од домот, затоа е важно родителите покрај приказните, да им покажуваат со своето однесување што е правилно, а што не. На пример, ако брзате и ја претрчувате улицата надвор од пешачкиот премин и детето го гледа тоа, на тој начин му давате лош пример. Колку и да му напоменувате дека тоа се случило само тогаш, бидејќи се брзате и дека детето не треба да го прави, тоа веќе ве видело. Децата не учат само со зборови, туку и со делата и однесувањето на родителите. Обрнете внимание на вашето однесување во сообраќајот, во автомобилот, како се подготвувате и пакувате за патување, како возите автомобил… Важно е и што правите во продавница, на гости, на одмор, на планина или на море. Бидејќи детето во секоја можна ситуација учи набљудувајќи го вашето однесување и реакциите во различни ситуации.
Детето не знае што е правилно, а што не
Детето не умее да разграничи што е правилно, а што не, на тоа го учат родителите. Тоа размислува на конкретно ниво и она што го прават родителите значи дека е правилно и тоа треба да го прави и детето. Затоа, родители, дајте им на своите деца добар пример за имитирање. Доброто воспитување потекнува од дома, а вие сте тие модели од кои децата го учат своето однесување.
Автор: Тијана Митов, психолог
912