Наградувањето е една од техниките со кои можеме да постигнеме позитивна дисциплина кај децата. Наградата предизвикува чувство на пријатност и задоволство кај детето, повеќе серотонин во телото и секако – насмевка на лицето.

За наградата да има значителен и долготраен ефект во постигнувањето одредени воспитни форми, како дисциплинирање, модификување на однесувањето, треба многу внимателно да се користи, односно не треба да дозволиме детето да стане зависно од наградување, особено не од материјалните награди бидејќи тоа може лесно да го сруши вредносниот систем во кој вие како родители би сакале вашето дете да се изгради.

Нематеријалните награди можат да бидат: прошетка во парк, гледање филм, хранење или прошетка на кучето, полевање на цвеќињата, една приказна повеќе пред спиење, гушкање, скокоткање, пофалба и уважување. Кога станува збор за позитивна пофалба, тоа значи со пофалбата да го потенцирате однесувањето што сакате повеќе да го гледате кај детето, а не да го критикувате однесувањето што сакате да го искорените кај детето.
Наградите треба да се реализираат веднаш по посакуваното однесување. На пример велите:

– Јас знам колку многу домашна работа имаш. Верувам дека сè ќе сработиш навреме и потоа би можеле да одиме до твојот омилен скејт-парк.

– Јас сум воодушевен од тоа како денес се однесуваше кон твојот помал брат и поради тоа можеш да си избереш плус две книги кои ќе ги читаме вечер пред спиење.

– Даде сè од себе на денешниот кошаркарски натпревар иако изгубивте. Знам колку сакаш картинг. Би сакал ли да одиме овој викенд?

– Твојата упорност да ја насмееш сестра ти иако беше многу тажна, успеа. Дали сакаш овој викенд да го поминеш кај баба и дедо на планина?

– Ме воодушевува твојата желба да научиш нешто ново. Ме поттикнуваш и јас да го правам тоа.

– Гледам дека имаш огромно трпение додека учиш. Тоа те прави подобар човек.

Христина Стефановска

Понудете пофалба и симболична материјална награда доколку сакате да модификувате некакво однесување (на пример, дете кое кажува грди зборови, дете кое удира, дете кое ги крши боичките додека учи итн.). Бележете го успехот во табела. Поткрепете го детето со зборовите „Секој ден си сè подобар и подобар“. Таквата симболична материјална награда би можела да биде: денарчиња, камчиња, џамлии, чоколадни парички, бонбончиња кои детето би си ги собирало во некоја кутија.

Позитивното наградување може значително да влијае врз мотивацијата кај децата.

Не заборавајте повеќе да ги наградувате напорите отколку достигнувањата на вашето дете.

Така ги учите да бидат возрасни со изграден вредносен личносен систем. Возрасни кои нема да се врзуваат за титули и материјални нешта. Моќта секогаш ќе ја бараат во умот.



912

X