Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам 10-годишна внука. Пред три години почина нејзиниот татко. На почетокот немаше проблеми, некако се помири, сфати колку што треба да сфати дете на нејзина возраст, барем ние така мислевме зашто ништо не покажуваше. Неодамна почна чудно да се однесува, не се радува на ништо. Еден ден мајка ѝ ја фатила дека крие некое ливче, но не сакала да каже ништо, само почнала да плаче бидејќи тоа било писмо од неа за татко ѝ. Утредента повторно мајка ѝ ја фатила со писмото в раце, ја замолила да ѝ го даде да го прочита. Двете го читале и плачеле. Во тешка ситуација се. Мајка ѝ не знае што да прави, како да ѝ помогнеме. Само го бара татко ѝ и се моли да се врати, а свесна е дека тоа не е можно. Ве молам за совет.
ОДГОВОР: Тагата во детството и на почетокот на адолесценцијата, како што е возраста на вашата внука, не е различна од онаа што ја претрпуваат возрасните кога се соочуваат со значителна загуба. Иако емоцијата е иста, таа е посложена, разбирањето и сфаќањето се различни, а се разликува и поради имањето помалку алатки за полесно и на подруг начин детето да го помине овој болен процес. За да ја разработиме тагата, треба да стапиме во контакт со празнината што ја остава загубата, да ја цениме важност и да ја трпиме фрустрацијата што ја носи, а децата не можат секогаш да успеат да направат таква интроспекција без помош од возрасните. Децата не само што доживуваат тага во моментот на смртта, туку постојано го оживуваат циклусот на тага низ секоја развојна фаза од нивното детство и адолесценција.
За децата, загубите се болни и застрашувачки, тие се способни да изразат силни емоции само на пократки периоди со избегнување на своите чувства за да не бидат пренатрупани. За разлика од возрасните, кои можат да издржат година или повеќе интензивно жалење, децата повремено манифестираат однесувања поврзани со тагата, наизменично многу години откако ќе се случи загубата. Различните реакции на загубата ќе оживуваат, ќе излегуваат надвор и ќе се обработуваат постојано како што детето ќе расте. Тагата е динамична во смисла дека расте и се менува како што расте детето. Тоа се случува и сега со вашето внуче. Во времето кога се случила загубата, таа била на возраст и во фаза на развојот кога децата веруваат дека лицето сè уште може да се врати во живот. Во подоцнежните развојни фази детето ја оживува смртта и сфаќа дека смртта е трајна, особено во периодот на почетокот на адолесценцијата кога се соочува со други загуби и промени.
Тоа е нормален тек на тагувањето и добро е да бидете свесни за посебната природа на тагување кај децата. Од друга страна, возрасните, со цел да го заштитат детето, на некој начин ги „замрзнуваат“ своите чувства пред детето и поради тоа се губи моделот на возрасниот од кој детето учи како да се соочи со своите чувства.
Затоа, не обидувајте се да ја отстраните тагата, силните и болни чувства треба да бидат искажани.
Детето со голем интензитет доживува сè што му се случува, а доколку тогаш се појави стагнација во емотивното изразување, емоциите веројатно ќе се појават подоцна во животот на детето, ќе излезат посилни и со поголем интензитет. Затоа, оставете да ги изрази своите чувства и треба да разговарате за тоа, да биде слушната како се чувствува, бидејќи за неа тоа навистина е многу важно.
Вашата внука веќе почнала да ги покажува и изразува своите чувства преку пишување писмо за татко ѝ, и тоа е многу добро, а особено споделувањето со мајката и со делењето на заедничките чувства. Иако оваа ситуација и искуство влијае врз другиот родител, кој носи двоен товар, сопствената тага и поддршката за детето/децата, добро е да разговара со детето, прво да го смири и да зборува за загубата, за недостигањето, да ѝ каже каков бил со неа, што сè правеле заедно и да споменува убави доживувања и некои смешни ситуации за на крај и да се насмеат. Исто така, да ја праша дали сака нешто да знае или сака да праша, а потоа да ѝ се одговори кратко и јасно, соодветно на нејзините години. Во текот на овој разговор детето веројатно ќе развие силни емоции и на некои прашања можеби ќе нема одговор, и тоа е во ред, на децата не им требаат совршени родители, туку такви што се присутни, искрени и достапни. Кажете ѝ секогаш кога сака и чувствува, да напише писмо до татко ѝ или, пак, песна, да нацрта цртеж…
Важно е да бидете со детето, да му дадете време и внимание, да покажува различни емоции и да поставува прашања.
Секоја тешка ситуација остава свој белег врз нас. Но, од друга страна, животот се состои од лесни и тешки ситуации. Tраумата по смртта на родителите не го исклучува среќниот живот подоцна. Од друга страна, како детето ќе го помине периодот на жалост, колку долго ќе трае и колкава трага ќе остави врз него, зависи од нас, возрасните.
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912